Има голем број невработени, а нема работници. На годишно ниво во Македонија кусокот е околу десет илјади, а недостигот најмногу се чувствува во градежништвото и туризмот. Со години наназад квалификуван кадар ја напушта државата во потрага по повисоки плати и сигурна егзистенција. Се чини, проблемот кулминира, па почна гласно да се зборува за потребата од увоз на работна сила. Појава која веќе е присутна во регионот и покажува дека некаде во светот владеат уште полоши услови за работа и живот.
За тоа дека и домашниот терен е „гладен“ за странски работници прв проговори вицеперемиерот задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи. За актуелниот проблем веќе се дискутира во Владата, но се уште не е дефинирано од каде би се увезувала работната сила, а не се утврдени ниту квоти. Сепак, според него, првично би требало да се оди кон привлекување лица од регионот.
Можеби ќе ве интересира: Технолошката индустрија во Европа сè уште вработува. Еве ги 5-те врвни сектори за аплицирање
Понудата на нашиот пазар на трудот не ги задоволува потребите на стопанството. Долг период наназад, најчесто на крајот од учебната година кога генерациите го завршуваат основното образование, јавно се сугерира учениците да одберат стручно средно училиште. Очигледно, на тоа поле треба многу повеќе да се работи, затоа што гимназиите се убедливо првиот избор. Меѓу нив и средното медицинско училиште и – толку.
КАЈ НАС ВЕЌЕ РАБОТАТ СТРАНЦИ
Исто така, АВРМ објавува повици за обуки за преквалификација и доквалификација, но и за тоа е потребно време. Затоа, празнината мора да се надомести со „увоз“. Од сознанијата произлезени од комуникацијата со стопанските комори, вицепремиерот посочи дека најзагрозени се градежништвото – ниско и високоградба, но и хотелиерство и туризмот. Причината за тоа е што се зголеми сезонската миграција, при што особено е голем одливот кон Хрватска и Словенија. Поради тоа, лани биле ангажирани 5.300 дојденци.
Состојбата, призна вицепремиерот, покажува дека нашата економија досега не се развивала како што треба, односно развојот одел со ниски стапки. Оттука и паралелата што ја посочи – кај нас просечната плата сега е 550 евра, а таму каде што одат луѓето да работат е 1.100 евра. „Во земјите, пак, од кои најверојатно ќе доаѓаат тука работници за во рударство или градежништво, е во просек 200 евра“.
Сепак, рече, примарно е работната сила да се обезбеди од домашниот пазар, односно невработените сограѓани да се приспособат за да одговорат на потребите на пазарот на труд. Што би требало да значи дека ќе се прават потези за стимулирање на продуктивноста и конкурентноста на македонската економија. Притоа, ќе мора да се размислува и за бирократските процедури, на кои странците, постојни или потенцијални инвеститори, се уште имаат поплаки.
Извор: pari.com.mk