Првите знаци на суша веќе ги погодија Франција, Шпанија и северна Италија, предизвикувајќи загриженост за снабдувањето со вода, објави Европската комисија.
„Поради екстремно сувата и топла зима, поголемиот дел од јужна и западна Европа е зафатен со аномалии кога станува збор за влажноста на почвата и обемот на вода во реките“, соопшти Комисијата.
Водениот еквивалент на снегот на Алпите е далеку под историскиот просек и ќе предизвика сериозно намалување на количината на вода од топењето на снегот што се влева во реките, наведе Еврокомисијата, пренесува Хина.
Би можело да ве интересира: Ако сигурната Швајцарија не може да ги спаси своите банки, тогаш кој може?
Експертите се загрижени бидејќи тоа ги загрозува резервите на вода за земјоделството, производството на енергија и луѓето, според извештајот. Европа ја чека потопла од просечната пролет, а прогнозите за дожд се неизвесни, се вели во извештајот.
Европската комисија во извештајот советува внимателно да се следи нивото на водата и да се подготват планови за зачувување на водата бидејќи постои голем ризик сезоната да биде критична кога станува збор за водните ресурси.