Неизвесност и во оваа учебна година – дали ќе има свидетелства или само желби и честитки за летниот распуст?! Надлежните се во потрага по фирма за печатење на документите со кои се потврдува постигнатиот успех. Во претходните две години – за учениците нема ниту свеченост, ниту пак тие навремено добија свидетелства. Документите доцнеа, а надлежните се правдаа.
„За свидетелствата, одговорноста е кај Бирото за развој на образованието. Јас како министер имам побарано пред еден месец и тие веќе имаат започнато постапка за избор на економски оператор. Јас се надевам дека истата ќе заврши навремено, но истото прашање Ве упатувам да го поставите во БРО“, изјави Јетон Шаќири, министер за образование и наука.
На Биро за јавни набавки е објавена тендерската документација. Од фирмата која ќе победи, се бараат вкупно триста илјади свидетелства за основно и средно. Проценетата вредност сѐ уште останува непозната. Во меѓувреме, остануваат уште два дена за да се пријават економски оператори за педагошка документација – а, освен свидетелствата, тука спаѓаат и додатоците, ученичките легитимации и книшки, дипломи. Од Бирото за развој на образованието бараат гаранции од фирмата дека ќе го направи договореното.
„Навременото и квалитетното извршување на договорот, носителот на набавката го гарантира со доставување безусловна банкарска гаранција. Во случај на доцнење со испораката на печатените материјали од педагошката документација, договорниот орган има право на надомест на штета и пенали“, велат од Бирото за јавни набавки.
Во меѓувреме, огласите за автори за дел од учебниците кои недостасуваат се во процедура и ќе има одобрени учебници. Нови ветувања има за новата учебна година, откако најголемиот дел од оваа помина со скрипти и импровизирани материјали.