Македонската компанија Микросам заедно со светскиот гигант GKN Fokker од Холандија две години активно работеа на проект за да произведат термопластични делови за новата генерација на авиони.
Овие делови се всушност еден вид на греда т.н. floor beam која се наоѓа во долниот дел на патничката кабина на авионските летала. Досега се правеа од термосет материјали, на кои им се потребни дополнителни усовршувања за поефективно и поеколошко производство. Согледувајќи го тоа, GKN Fokker заедно со машините на Микросам произведе нешто ново и револуционерно за авионската индустрија.
Компанијата преку проектот наречен Clean Sky 2/Clean Aviation (финансиран од заедничката програма за истражување и иновации на ЕУ) произведе 12 вакви “floor beams“ – греди од термопластични композити, користејќи ги машините на Микросам. Микросам испорача 3 уникатни машини како, машина за автоматско полагање на ленти/траки (AFP), опрема за сечење и намотување на препрег и преса за термопластична консолидација. Оваа опрема успешно ги зголеми капацитетите на GKN Fokker за современо производство, истражување и развој на сложени 3Д делови во авионската индустрија.
Првиот сет на греди беше произведен во современиот центар за истражување и развој во Микросам. Понатамошните беа произведени директно во GKN Fokker во Холандија со сите три машини на Микросам. Уникатно во целиот процес е начинот на нивното производство. Термопластичните материјали се спремаат на машината за сечење и премотување на препрег. Вака изготвениот материјал се поставува на автоматската машина со роботска глава за полагање на овие ленти. Лентите со посебен ласер директно се обработуваат и полагаат на однапред одредено јадро со засек за да се заштеди на време на производство, а со тоа и подобри квалитетот на производот. На крај парчето се дели и усовршува на третата машина на Микросам – пресата. Како уникатност на целиот овој процес е и специјално дизајнираниот софтвер MikroPlace, кој токму производството на овие делови го овозможи до усовршување и без грешка.
Целиот текст можете да го прочитате на: inovativnost.mk