Министерот за информатичко општество и администрација, Азир Алиу, денеска го презентира годишниот извештај за вработените во јавниот сектор за 2022 година.
„Бројот на вработените во јавниот сектор заклучно со 31 декември 2022 година изнесува 129.374 лица. Тие својот работен ангажман го реализираат во вкупно 1.354 институции. Бројот на институции во однос на 2021 година е зголемен за 8. Од вкупно 1.354 институции, 60 % се на локално ниво, а 40 % на централно. Најголем број, односно 533, се од дејноста образование, труд и социјала – 125, култура – 121. Споредбено со извештајот за 2021 година, бројот на вработени во јавниот сектор е намален за 2.714“, истакна министерот Алиу.
Од вкупниот број, 18.909 лица биле вработени во Армијата, Министерството за внатрешни работи, Агенцијата за национална безбедност, Агенцијата за разузнавање и во Управата за финансиска полиција. Освен како бројка, за овие вработени лица во извештајот не се прикажуваат други детаљни анализи и тоа е поради законски и безбедносни причини. Детаљна обработка и презентација на податоците се врши за преостанатите 110.465 вработени лица.
Најголем процент на вработени во јавниот сектор се во дејноста образование, и тоа со 34 %, потоа во дејноста здравство – 18 %, управа – 13 %, комунални работи – 9 %, труд и социјала – 7 %, локална власт – 5 %, транспорт и култура по 3 % итн.
Како што посочи министерот Алиу, во органите на државна власт, согласно овој извештај, вработени се вкупно 14.531 лица, што претставува 13 % од вкупната бројка на вработени во јавниот сектор. Споредбено со податоците во извештајот за 2021 година, бројот на вработени во државната власт е намален за 771 лице. Само од министерствата во претходната година бројот на вработени е намален за 302 лица.
Како и во претходните години, така и во овој извештај се покажува дека поголем број вработени во јавниот сектор се жени, и тоа 56,29 % наспроти мажите, кои се застапени со 43,71 отсто.
Просечната возраст на вработените изнесува 46,03 години и во однос на претходниот извештај за 2021 година се забележува незначително намалување на просечната возраст на вработените.
Во однос на етничката припадност, на 31 декември 2022 година состојбата била следна: 110.465 вработени, од кои 78.833, односно 71,36 % Македонци, 23.855, односно 21,60 % се Албанци, 2.675, односно 2,42 % се Турци, 1.651, односно 1,49 % се Роми, 1.542, односно 1,40 % се Срби, 813, односно 0,74 % се други или не се изјасниле, 569, односно 0,52 % се Бошњаци, и 527, односно 0,48 % се Власи.
Министерот Алиу исто така соопшти дека во 2022 година е намален бројот на доктори на науки и на магистри, а на сметка на тоа е зголемен бројот на вработени со основно образование. Повеќе од половината, односно 55,85 % од вработените лица во јавниот сектор имаат најмалку високо образование.