Поминувањето на црвено светло на семафор се смета за сериозен сообраќаен прекршок и може да резултира со судир со сериозни последици, па Porsche излезе со нова технологија која треба да помогне во решавањето на тој проблем.
Станува збор за светлосен систем во возилото кој го следи менувањето на светлата на семафорите и на тој начин им дава на возачите поголема шанса да го забележат навреме и да реагираат, пишува Carbuzz. Технологијата, исто така, може да ги намали шансите за опасно сопирање во итни ситуации кога возачот предоцна ќе ја види промената на семафорот, бидејќи ова сценарио често резултира со удар од друг автомобил кој се приближува одзади.
Според дизајнот на Porsche, системот користи камера, извор на светлина и технологија за контрола на светлината во автомобилот. Овие светла може да се постават над контролната табла, но и на други места во внатрешноста и ќе покажуваат црвено, портокалово (жолто) и зелено светло, исто како на семафор.
Германската компанија во документацијата наведува дека контролниот уред кој ја препознава бојата на светлото на семафорот можеби нема да може да ја репродуцира прецизната сенка во внатрешноста на возилото, но треба да биде доволна за возачот лесно да одреди кое светло е на семафорот.
Светлосната линија ќе биде доволно голема за да се гледа под широк агол, дури и кога возачот не гледа директно во изворот на светлина. Во ниските автомобили како Porsche 911, може да биде тешко да се види семафор, во зависност од тоа каде е семафорот во однос на автомобилот.
Светлосната линија може исто така да биде закривена за да се вклопи во одредена контролна табла. На пример, Porsche Taycan има поширока инструмент табла во споредба со моделот 718 Boxster, кој има покомпактна.
Со поставување на изворот на светлина во попречна насока или високо на штитникот за сонце, промената на бојата може да се види и кога возачот гледа низ страничниот прозорец или директно низ шофершајбната, наместо директно во таблата со инструменти.
Расеаното возење е значаен проблем во ерата на екраните на допир, па затоа има логика во изумот на Porsche. Кога се менува семафорот, разликата помеѓу возачот кој реагира секунда побрзо од вообичаеното може да спаси живот.
Пронајдокот на Porsche сѐ уште е во фаза на патентирање, но сепак е пробив. Денес постојат системи за препознавање знаци и камери, а новата серија 7 на BMW користи внатрешна светлосна лента наречена Interaction Bar за да „комуницира“ со возачот. Една од функциите на оваа светлосна линија е поврзана со функцијата Safe Exit и ги информира патниците дали е безбедно да излезат од автомобилот.
Но, системот на Porsche бара многу побрз одговор и ќе донесе ново искуство доколку се најде на сериски модел.