Со евентуална забрана на социјални медиуми нема да се реши проблемот, напротив, еден забранет медиум брзо и лесно ќе се замени со друг, се наведува во соопштението од МАСИТ.
Средствата и каналите за комуникација како социјални мрежи и останати форми треба да се насочат во едукативни цели, а не да се укинуваат. За тоа е потребен интегриран концепт и стратегија со вклучување на сите инволвирани страни, започнувајќи од родителите, училиштата, стручните служби, институциите и целокупното општество, велат од Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ во врска со иницијативите за забрана за користење на TikTok и други социјални мрежи во земјава, по масовните убиствата во Србија, за што изразуваат жалење и сочувство до семејствата и блиските на жртвите.
– Проблемот е повеќеслоен, и затоа и пристапот за решавање треба да вклучи соодветна регулација на содржините кои се пласираат на социјалните мрежи, како и едукација на родителите и децата за користење на социјални мрежи со кампањи за користење на истите со цел истакнување на добрите, но и на лошите страни односно ризиците од прекумерно користење на социјалните мрежи. Сметаме дека децата најнапред, треба да имаат изграден систем на вредности, за тоа што е добро, а што лошо. Овие вредности примарно доаѓаат од родителите и домашното воспитување со постојана присустност и одговорност, а потоа и од наставниците, професорите и сите останати инстанци во непосредна околина на децата. Со евентуална забрана на социјални медиуми нема да се реши проблемот, напротив, еден забранет медиум брзо и лесно ќе се замени со друг, се наведува во соопштението од МАСИТ.
Треба да се фокусираме на вистинската причина за да може да започнеме со решавање на проблемот. Вистинскиот фокус треба да биде кон поголема семејна и институционална грижа за правилниот развој на децата. Потребна е зголемена будност, реакција и одговорност за спречување на било какво насилство, агресија, или инциденти со или без човечки жртви. Првите чекори за ова се веќе направени со воспоставување на канали за пријава на меѓуврсничко насилство, велат од МАСИТ