Неколкумина матични лекари добиле казна од 15.000 денари за административен, т.е. немедицински прекршок направен пред неколку години.
„Од Велес веќе двајца колеги се пожалија дека ја добиле истата казна за која се договаравме и со поранешниот министер и со поранешниот директор на Фондот дека треба да се поништи и Фондот повеќе да не казнува за такви прекршоци. Се работи за внесена погрешна шифра на некој рецепт, административно, која не ја менува терапијата за пациентот, тој го добива она што специјалистот напишал дека треба да го добие. На толкав обем на работа не е ни чудо да се згреши шифра, матичните не се роботи, но тоа административно може да се исправи. Токму затоа беше ставен мораториум на ваквите казни за кои има и приговори, но еве колегите веќе се жалат дека повторно ги добиваат и тоа за прекршоци направени пред повеќе од две години“, вели Лилија Чолакова-Дервишова, претседателка на Здружението на приватните лекари на Република Македонија.
На социјалните мрежи матичните лекари споделуваат повици да не се потпишуваат казните, но казнетите лекари велат дека им е преку глава од преписките со Фондот и најавуваат дека ќе ги платат и со душа ќе чекаат да се пензионираат.
Од Фондот за здравствено осигурување најавија одговори на прашањата од „Макфакс“ за казните на матичните лекари во текот на денот.
На сите досегашни протести едно од барањата на матичните беше да се укинат административните казни и да се поедностави начинот на издавање рецепти.