Работниците имаат право на регрес за годишен одмор во висина од најмалку 40 проценти од последните три просечни плати, што ги објавил Државниот завод за статистика. Рокот за исплата на регресот е до крајот на годината, така што ако има раст на платите, износот ќе биде поголем.
Ако сега газдите решат да го исплатат годинешниот К-15, треба да платат 13.672 денари, пресметаа за „Слободен печат“ од Сојузот на синдикатите на Македонија. Работниците имаат право на регрес за годишен одмор во висина од најмалку 40 проценти од последните три просечни плати, што ги објавил Државниот завод за статистика. Рокот за исплата на регресот е до крајот на годината, така што ако има раст на платите, износот ќе биде поголем.
Ова се разбира доколку компанијата нема финансиски тешкотии, кога може да се исплаќаат и помали износи, а од друга страна за оние подобростоечките „само небото е лимит“…
Токму одредбата дека фирмата била финансиски нестабилна, беше мета на чести критики изминатите години, како од Државниот трудов инспекторат, така и од ССМ, кој досега не успеа да издејствува нејзина промена кај работодавачите. Дотолку повеќе што со ова не се кажува ни дека фирмата треба да биде во минус, туку се зборува само за „тешкотии во работењето“, што е многу широк поим.
-Износот на регресот се утврдува според основицата, која важи на денот на донесувањето на одлуката за исплата. Според Колективниот договор, основицата за пресметување на надоместоците на работниците претставува просечната месечна нето-плата по работник во Македонија исплатена во последните три месеци. Просекот за последните 3 месеци за кои Државниот завод за статистика има објавено податоци (јануари, февруари и март 2023 година) е 34.197 денари, што значи дека 40 отсто се 13.672 денари – брифираат од ССМ.
Работникот има право на регрес за годишен одмор под услов да работел најмалку 6 месеци во календарската година кај ист работодавач. Регресот за годишен одмор се исплатува еднаш во текот на годината, а исплатата на регресот е задолжителна за работодавачите.
И покрај високите казни, лани до ССМ се евидентирани 3.062 обраќања за прекршено право на регрес за годишен одмор. За нив од службата за бесплатна правна помош се преземени законски активности, изготвени се приговори и барања до работодавачите, поднесени се тужби до суд, а дел од обраќањата се проследени до ДИТ за понатамошно постапување и остварување на правото на работниците.
-За неисплата на К-15 предвидена е глоба до 4.000 евра, а за работодавачите кои бараат да им се вратат исплатените пари и затворска казна од три месеци па се до една година – децидни се од ССМ.
К-15 треба да добијат и дел од вработените во јавниот сектор, односно вработените во управата и правосудството, општините…, бидејќи имаат потпишано Колективен договор, во кој е внесено и ова право. За останатите административци Сојузот на синдикатите продолжува да ја води битката.