Сите на вага, па во авион: „Ер Њу Зеланд“ ќе ја мери тежината на патниците
Соблечете ги чевлите. Извадете ги клучевите од џебовите. Качете се на вагата. Управата за цивилно воздухопловство на Нов Зеланд ќе бара од националниот авиопревозник на земјата да ја евидентира тежината на луѓето кои се качуваат на меѓународни летови од аеродромот во Окленд почнувајќи од 2 јули 2023 година, пишува CNN.
Програмата, која Airlines New Zealand ја нарекува „истражување на тежината на патниците“, има за цел да собира податоци за оптоварувањето и распределбата на тежината во авионите.
„Ја мериме тежината на сè што оди во авионот, од товар до храна и багаж“, вели специјалистот за подобрување на контролата на товарот, Аластер Џејмс.
Би можело да ве интересира: Што е забрането да носите во рачниот багаж во авион и колку пари, цигари и алкохол смеете да пренесете преку граница?
А сепак – тежината на една личност се лични податоци кои не секој би сакал да ги открие. Со цел да се зачуваат информациите, авиокомпанијата планира да ја направи анкетата анонимна.
Од патниците ќе се бара да стапнат на електронската вага при пријавување за летови. Информациите за тежината ќе се користат за целите на студијата, но нема да бидат прикажани на мониторот на вработените.
Рачниот багаж на патниците ќе се мери посебно.
Не е прв пат авиокомпаниите од Нов Зеланд да сакаат да ги одмерат своите патници. Вакво барање имаше и во 2021 година, но поради пандемијата студијата беше одложена.