Станале рано наутро, како и секој друг ден во годината. Го испиле првото утринско кафе, како и секој друг ден во годината. Ги бакнале своите деца, како и секој друг ден во годината
Заминале на работа, како и секој друг ден во годината. Но, овојпат, со една единствена разлика: никогаш повторно не се вратиле од работа и никогаш повторно не ја добиле можноста да ја повторат рутината.
Ваква трагедија само во текот на минатата година ги снашла 22-ца работници, кои загинале на своето работно место, додека, пак, со тешки повреди се здобиле 169 работници, покажуваат податоците на Македонското здружение за заштита при работа.
Овие несреќи, според пресметките на Здружението, покрај човечките загуби и загубеното здравје на работниците, државата ја чинеле повеќе од 11 милијарди евра, а директните загуби изнесуваат цели 468 милиони евра.
Од Здружението се правдаат дека бројките на смртни случаи не се официјални и дека ги собираат податоците од информациите објавени во медиумите, но апелираат до надлежните да се воведе систем според кој точно ќе се знае колку несреќи се случуваат на работното место, кои се причините, кои професии се најопасни, што треба да се преземе за да се намали бројот на повреди и смртни случаи.
Ако одиме град по град, тогаш најмногу несреќи на работно место се случиле во Скопје – вкупно 39, па следуваат Битола со 25 и Прилеп со 21. Во Скопје имало и најголем број смртни случаи поврзани со работното место – вкупно 4, а потоа следуваат Струга, Струмица и Неготино со по 3 смртни случаи.
Кога станува збор за професиите, најмногу несреќи – вкупно 59 – имало во преработувачката индустрија, а потоа следуваат јавната управа и одбраната со 27 несреќи и градежништвото со 14 несреќи. Најмногу смртни случаи имало во дејностите на домаќинства како работодавачи – вкупно 8, градежништвото 6 и преработувачката индустрија 3.
Од Здружението за заштита при работа појаснуваат дека дејностите на домаќинства како работодавачи ги опфаќаат земјоделските работи на своите имоти.
Целиот текст е на denar.mk