Чудно е како може обичните работници да не добиваат покачување на платите во период на инфлација од цели 25 проценти, а самите државни функционери да си ги покачат платите за 78 проценти, коментира економскиот истражувач и професор Бранимир Јовановиќ, посочувајќи дека станува збор за една голема неправда.
-Буџетот сега е поголем од минатата година. Една милијарда и нешто се вкупните плати на сите службеници, а вкупно 5 милијарди тежи Буџетот. Најдоа една милијарда за сите други работи, а не можат да најдат 200.000 колку што се потребни за покачување на платите на работниците. Нема логика и не е издржано. Државата никогаш нема пари, ама може да ги најде парите. Само е потребно да се има политичка волја – објаснува Јовановиќ.
Во врска со најавите за генерален штрајк на вработените во УЈП и во Царина, тој вели дека штрајкувањето е легитимно право на секој од нас.
- Ако вработените во УЈП и во Царина сакаат да направат вистински штрајк, тогаш апсолутно имаат право да го сторат тоа, оти се работи за апсолутно легитимно средство за искажување револт и незадоволство. Целта на штрајковите е да се покаже дека работите не се како што треба во државата – посочува Јовановиќ.
Претходно, слично мислење на оваа тема изнесе и професорот Здравко Савески, кој истакна дека зголемувањето на платите на функционерите за 78 проценти е доказ дека Буџетот е полн, а штом има пари за функционерите, појаснува професорот, тогаш сигурно има пари и за вработените.
- Гледано демократски, функционерите на еден начин му слугуваат на народот, па ако има пари за слугите, тогаш како е можно да нема пари за газдите, односно за народот? Сомнежите дека во УЈП и во Царина има корупција не треба да биде аргумент за одложување на покачувањето на платите. Ако за некој од вработените постојат сомнежи дека е корумпиран, тогаш тоа претставува аргумент за да му се даде отказ и да се поведе кривична постапка, а не поради тоа да биде доведено во прашање зголемувањето на платите на сите вработени во овие две управи. Корупцијата не е услов за добивање повисока плата, туку услов за некој да се отстрани од работа и да се казни – истакна Савески.
Инаку, вработените во УЈП дадоа рок до утре да им се зголемат платите за 30 проценти, а во спротивно ќе излезат на генерален штрајк.
Штрајк со затворање на граничните премини најавија и вработените во Царинската управа.