Општина Струга забрани шетање во костими за капење низ центарот на градот. Ги замолуваат гостите и туристите, кои се на одмор или се капат во Охридското езеро и Црн Дрим, да ги почитуваат правилата на доброто однесување и на јавниот ред и голи да не се шетаат на јавни места и простори. И тука нема ништо драматично, оти во многу познати туристички градови низ светот, го имаат знакот за забрана на шетање по бикини и гаќи низ градот. Во струшката објава се вели:
Заради почитување на јавниот ред, особено за време на летната туристичка сезона, низ централното шеталиште (од Чаршискиот мост до Зелениот пазар), се забранува шетање во бикини и гаќички за плажа во текот на целиот ден.
Ги замолуваме сите гости и туристи кои се разладуваат на езерото или на Црн Дрим, да ги почитуваат правилата на доброто однесување и на јавниот ред, со непокажување голотија на јавни места и простори.
Вашето однесување е слика за градот, затоа сите заедно треба да се обидеме да ја зачуваме позитивната слика на една туристичка дестинација како што е Струга. Ви благодариме!
Извор: info.mk