Метеорологот Славчо Попоски вели дека екстремно топлиот Африкански бран во Македонија продолжува и во следните денови, а во текот на следната седмица доаѓа неговиот максимум, кога ќе биде најтопло ова лето.
Вели дека граѓаните треба да бидат крајно внимателни и да не излегуваат во најтоплиот дел од денот (од 11 до 17 часот), но и да пијат што повеќе течности, а работниците да избегнуваат директна работа на сонце, затоа што Ув индексот има екстремно висока вредност (вредност 10).
„Времето во Македонија и во следните седум до десет денови ќе биде стабилно, суво и сончево, но ќе започне да дува ветер претежно од западен правец, и истиот повремено ќе засилува на интензитет. Врнежи не се очекуваат, што значи дека ќе имаме сушен период. Температурите во најголем дел од Македонија ќе надминуваат 35 степени, а на повеќе места тие ќе се искачуваат до околу 40 степени. Во најтоплите централни и југоисточни предели температурите ќе надминуваат 40 степени, односно тие ќе се искачуваат и до 43 степени. Следната седмица, односно во вторник и во среда барем според моменталните анализи, топлотниот бран кај нас ќе го достигне својот максимум и тогаш во најтоплите централни и југоисточни предели температурите се очекува да се искачат дури до околу 45 степени, а можно е истите и да надминат 45 степени. Во Скопје и околината температурите во следните денови ќе се искачуваат до околу, а во текот на следната седмица и над 40 степени.
Ноќите на повеќе места ќе бидат тропски, што значи дека температурите нема да се спуштаат под 20 степени, и тоа особено во Скопје, како и во централните и во југоисточните предели од Македонија“, вели Попоски.
Објаснува дека наведените максимални температури на воздухот ќе се мерат под сенка, додека на сонце тие ќе бидат многу повисоки и локално ќе се искачуваат и над 50 степени, понекаде можно е и до близу 60 степени.
„Во Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина како и во северните предели од соседна Србија утре очекуваме ново разорно невреме, и тоа поради повеќедневните големи горештини кои ги зафатија овие предели. Утре од Алпскиот регион кон овие предели ќе продре голема влажна и нестабилна воздушна маса и истата ќе го донесе ова ново страшно невреме. Можно е ново сериозно Суперќелијско невреме, па затоа граѓаните да бидат крајно претпазливи, особено апелираме на нашите граѓани кои се наоѓаат во овие земји. Од појави се очекуваат силни поројни врнежи од дожд, опасност од поплави, разорен ветер, силни и чести електрични празнења и појава на крупен град кој може да направи многу штети“, рече Попоски.
Но, вели дека Македонија нема да биде зафатена од ова ново разорно невреме кое ќе го зафати регионот утре.