Скопје никако да се ослободи од азбестните канцерогени покриви на објектите, кои, според експертите, претставуваат реална опасност по здравјето на луѓето.
Покриви со азбестни табли има на многу приватни објекти, но и на институции, меѓу кои и основни училишта и градинки.
Минатата недела градските власти го објавија јавниот повик за доделување поединечна субвенција на социјално загрозени категории граѓани, жители на градот Скопје, за замена на азбестните покриви со енергетско ефикасни покриви за 2023 година.
Средствата што Град Скопје ги субвенционира се во висина од најмногу 50 проценти од вредноста на инвестицијата.
-Право на учество на јавниот повик имаат социјално загрозените категории граѓани, жители на главниот град, кои ќе ги заменат азбестните покриви со енергетско ефикасни покриви, ги исполнуваат условите од јавниот повик и ја доставиле потребната документација. За надоместување на дел од трошоците и докажување дека условите за учество на јавниот повик се исполнети, барателот е должен да поднесе пополнето барање, доказ дека припаѓа на една од социјално загрозените категории, нотарски заверена изјава, имотен лист, фотографија од постојниот азбестен покрив, договор со изведувач за замена на покривот, како и копија од трансакциска сметка – информираат од Град Скопје.
Јавниот повик, додаваат оттаму, ќе трае до 31 август 2023 година или до исцрпување на средства предвидени за таа намена.
Инаку, азбестот е материјал за кој е докажано дека има канцерогено дејство и дека влијае врз здравјето на луѓето.
Лекарите ги советуваат граѓаните да се бидат што подалеку од азбестот.
-Азбестот е руда, влакнест минерал што се користел како топлотен и електричен изолатор. Во минатиот век наоѓал широка примена во градежништвото, па од него се изработувале покриви, подови, ѕидови, топлотна изолација, цевки за водовод и канализација. Многу истражувања од минатиот век докажуваат дека азбестот е канцероген, што значи дека кај луѓето сигурно предизвикува малигни заболувања и смртност, а тоа го наведуваат и истражувањата на Светската здравствена организација. Едно од посериозните заболувања што може да ги предизвика азбестот е азбестозата, рак на белите дробови и на грлото – објаснуваат познавачите.