Сè повеќе домаќинства сериозно почнаа да бараат алтернативен начин за греење на своите домови во текот на зимата откако сè погласни и сè почести се гласините дека ќе има ново поскапување на парното.
Засега не е познато за колку проценти ќе поскапи ваквото греење, а Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) иако уште во јули годинава требаше да ја објави новата цена на парното, сепак само соопшти дека ќе биде потребен подолг период за да се разгледаат документите на компаниите кои бараат зголемување на цената за повеќе од 50 проценти.
За поголемиот дел од граѓаните претставува проблем тоа што новата цена на парното премногу доцна ќе биде соопштена, па во пресрет на зимата тие нема да имаат време да носат одлука за исклучување од мрежата и инсталирање нов метод за затоплување.
-Толку ли е тешко да се пресмета новата цена на парното или слабо им оди математиката на оние коишто ја пресметуваат? Ние сме во неизвесност и буквално чекаме да ни биде соопштено дали ќе останеме да се грееме на парно или да си бараме друго чаре. Но, мислам дека намерно тактизираат и цената ќе ја соопштат веднаш пред почетокот на грејната сезона за да немаме време да носиме такви одлуки – вели Роберт Цекиќ од Скопје.
Првиот човек на РКЕ, Марко Бислимоски, неодамна изјави дека регулаторите не сакаат да донесат одлука за цената на парното која би предизвикала ценовен шок.
– Компаниите треба да разберат дека РКЕ ќе носи одлуки коишто ќе бидат во интерес и на фирмите и на граѓаните. Потрошувачите можат да платат до одредено ниво. Ако цената би се зголемила драматично, ќе се повтори 2009 година, ќе има исклучување и тогаш знаеме што се случи, голем број трафостаници се запалија, затоа што се проектирани да се греат луѓето на парно, а не на струја. Во вакви кризни времиња не ни треба таков луксуз – изјави Бислимоски.
Инаку, парно користат повеќе од 60.000 домаќинства во Скопје.