Компјутерите успоруваат поради голем број причини, но бавната работа кај повеќето од нив се сведува поради едно нешто – фактот дека ги користиме. Кога симнувате програми, сурфате по интернет, креирате датотеки и го пополнувате вашиот хард диск со филмови и музика, неизбежно е со тек на време сите тие активности да почнат да влијаат врз перфомансите на вашиот компјутер. За да не дојде до ова, треба да внимавате на причинителите на ваквата појава.
Во продолжение се петте најчести причини кои предизвикуваат бавно работење.
Хард дискот е речиси полн
Кога вашиот хард диск ќе достигне зафатеност од 95%, компјутерот може да успори за 50%. Поради тоа, веќе нема простор за зачувување на привремените датотеки потребни за оперативните програми, и затоа оперативниот систем не знае како да работи правилно. Просторот на хард дискот опфаќа складирање на програми, нивна надградба, симнати содржини, како и привремени датотеки и придружни фајлови на избришаните програми. Како за почеток, ќе биде добро да го испразните ѓубрето и да се ослободите од непотребните фајлови.
Користење на повеќе програми истовремено
Правењето повеќе работи одеднаш е една од причините зошто секој од нас поседува компјутер, но во одреден момент тоа може да почне негативно да влијае на неговата работа. Способноста на компјутерот да издржи работа на повеќе програми во исто време зависи од RAM меморијата која му овозможува да се префрли од обработка на една програма на друга. Доколку барањата на отворените програми ја надминат меморијата и процесорската моќ на компјутерот, ќе се забележи негово забавување.
Премногу програми за стартување
Новите програми честопати знаат сами да се најдат „складирани“ на почетното мени. Ако не ја тргнете опцијата за таа дозвола, тогаш ќе имате десетици непотребни програми кои се спреми да почнат со работа веднаш чим компјутерот се вклучи. Најчестата причина за бавен компјутер е премногу вакви програми, вели Аарон Шоефлер кој се занимава со поправка на компјутери во LapropMD. На овој начин, голем број на програми почнуваат со работа во позадина, и доколку не поседувате понов компјутер, ваквата активност ќе го забави.
Постоење можност компјутерот да има вирус
Вирусите и шпионскиот софтвер можат да го забават работењето на компјутерот. Денес, вирусите најчесто инсталираат програма која прикажува реклами и прави тоа да влијае врз целокупното функционирање на компјутерот. Решението е инсталирање на добар антивирус, негово редовно апдејтирање, како и повремено целосно скенирање.
Премногу прашина
Понекогаш проблемот со спорото работење на компјутерите не е поради внатрешна причина. Доколку задната страна на процесорот е со прашина, тоа може да ја спречи вентилацијата која ги лади процесорите. Топлината ја зголемува веројатноста за дефекти, па затоа секогаш кога ќе забележите дека вашиот лаптоп се вжештува, проверете дали неговите отвори се блокирани. Поради ова, не се препорачува ставање на лаптопот на меки површини, како перница, каде што истиот може да потоне и да не доаѓа до проток на воздух.