Штрковите се честа глетка покрај патиштата бидејќи своите гнезда ги прават на електрични столбови или слични конструкции. Тие, како и ластовичките, се предвесници на пролетта. Долетуваат од Африка кон средината на февруари, тука ги вадат своите мали, и по едно од верувањата е дека заминуваат за африканскиот континент по празникот Макавеј на 14 август.
За овие преселни птици се вели дека гнездата ги прават само во еколошки чисти средини. Гевгелискиот Регион, посебно селата Богородица и Стојаково, бидејќи се опкружени со вода и изобилство од храна се сметаат за места со најголем број штркови во нашата земја за кои веќе почна да се води и посебна грижа поради податокот што нивниот број кај нас и во Европа, според последните пребројувања, покажува тенденција на намалување.
Според пописот што во 2015 година го спроведе Македонското еколошко друштво на целата територија на државата, тогаш беа избројани 817 гнезда на штркови во кои имало 2.023 млади и 1.638 возрасни птици. Претходниот попис во 1958 година, од научникот Р. Јоветич покажал дека тогаш во Македонија имало вкупно 1.132 активни гнезда, односно 315 гнезда повеќе од 2015 година. Во нив имало вкупно 3.576 млади и тогаш гнездата биле на куќи, за разлика од сега, кога најголем број од гнездата се на електрични столбови или слични конструкции.
Познато е дека во Македонија постои село на штркови. Тоа е Чешиново - Облешево каде што е евидентирана голема густина на штркови, односно две од овие бели грациозни птици на квадратен километар. Најстарото гнездо во регионот се наоѓа во селото Чешиново. Тоа е на покрив којшто е реновиран во 1973 година, и воедно тоа е и најголемото гнездо во Македонија со висина од 3,2 метри.
Села во кои има голем број штркови постојат во Србија, Бугарија, Турција, Шпанија, Швајцарија, Хрватска и други земји.