Тешко се доаѓа до термини за вадење лични документи, а и кога ќе се најде, првиот е за јануари.
„Секако дека фреквенцијата е зголемена. Не само оваа година, туку и минатата. До 2019 година најголемиот метеж бил во јуни, јули, август. Минатата година за истиот период имавме околу 50.000 барања за промена на лични документи. Како што наближија годишните одмори, има и зголемена фреквенција, но вие денови опаѓа. Има градови во кои и нема голем метеж, а се работи и во сабота“, вели Министерот за внатрешни работи Спасовски.
Според него, доколку се почитуваат термините и не се бара вадење документи од денес за утре – сите ќе имаат лични карти, пасоши и возачки дозволи навреме.
„Секако дека јавувањата и редот што се воспоставува, закажувањата термини е во првите слободни термини. Од град во град тие се такви какви што се. Најважно е што сите ние што сакаме да добиеме термини, да го почитуваме оној што ќе ни го доделат. Изместувањето на терминот значи проблем за целиот систем“, додаде Спасовски.
Според него динамиката на издавање документи е добра и наскоро ќе се релаксира системот со нови мерки.
„Во наредните денови ќе имаме предлози за релаксирање на системот. Речиси еден милион граѓани ги смениле документите. Динамиката е добра“, додаде министерот. Но, тој тврди дека никој нема да биде казнет ако до февруари не извади документи со новото име на државата.
„Нема да има проблем во остварувањата на правата. Според динамиката што ја имаме, успешно ќе се завршат промените на документите. Нема да има казнување на граѓаните. Во континуитет, како што ќе се одвиваат состојбите, такви одлуки ќе носиме, во интерес на граѓаните“, рече Спасовски. Тој е дециден дека во законскиот рок се постигнува да се издадат документите.