Повеќето скопски општини ги честат младите родители за секое новороденче – некоја општина дава еднократна помош од 3.000 денари, друга дава 5.000 денари, трета дава 6.000 денари.
Па така, за секое новородено дете државата одвојува по 5.000 денари, а право на користење на оваа помош, секако, имаат државјаните на Македонија.
Интересно е тоа што за првото дете родителите добиваат 5.000 денари, а за второто дете, пак, им следуваат 20.000 денари.
За да ја добиете оваа парична помош потребно е да поднесете важечка лична карта на увид од двајцата родители, мајчина книшка од мајката, потврда од специјалист по гинекологија за редот на раѓање на детето, како и копија од Извод од матична книга на родени на детето.
„Ова право на еднократна парична помош за новороденче родено на територијата на Република Македонија има еден од родителите, државјанин на Република Македонија, со постојано место на живеење од најмалку 12 месеци непрекинато на територија на Република Македонија до денот на раѓањето на детето. Барањето за остварување на ова право треба да го поднесете најдоцна три месеци од денот на раѓањето на детето. Висината на еднократната парична помош за прво новороденче изнесува 5.000 денари. Висината на еднократната парична помош за второ новороденче изнесува 20.000 денари“, објаснуваат од Министерството.
Денар разговараше со граѓани кои чекаа ред на шалтер во подрачната единица на Министерството за труд и социјална политика на територијата на Општина Карпош.
Ми кажаа дека ми следуваат 5.000 денари и дојдов да поднесам документи. Има гужва, чекам уште од 8.30 часот, а сега е скоро 10 часот. Бавно оди работата, но мора да се заврши. Не станува збор за големи пари, ама ако му следуваат на моето дете, тогаш зошто да ѝ ги оставам на државата?! Нормално, ќе си ги земам и ќе му купам нешто со тие пари – изјави Сафет од Сарај за Денар.