Нема повеќе да купуваме евтини кинески парчиња облека кои наликуваат на оригиналите, бидејќи сѐ повеќе млади во Азија не сакаат да работат во фабриките за производство на облека и обувки.
Ова предупредување го пренесе „Волстрит Журнал“, кој објави напис со наслов „Ерата на ултра евтини работи е под закана“, а како што е наведено во текстот, наскоро се очекува голем скок на цените на стоките увезени од Кина.
Во анализата е посочено дека сѐ повеќе млади Кинези одлучуваат да ги напуштат фабриките за облека и најчесто се обидуваат да заработуваат преку Интеренет, или, пак, бараат полесна канцелариска работа.
Ваквата состојба, секако, не е од вчера, па интересно е тоа што сопствениците на фабриките веќе започнале да изнајдуваат начини како да ги задржат работниците. На пример, очајните сопственици на фабрики во Виетнам, Малезија, Тајван и во Кина им нудат на своите вработени бесплатни часови по јога и танц, ги укинале униформите и изградиле детски катчиња во склоп на фабриките, па работниците сега можат ем да работат ем да ги надгледуваат своите деца.
Се обидуваме да го направиме работниот простор атрактивен за работниците, полека ги отстрануваме бариерите, ставаме повеќе прозорци, сега има повеќе светлина, им пуштаме музика, клима-уредите постојано се вклучени. Тешка е борбата да ги задржиме младите, но правиме сѐ што можеме да направиме – изјавил Сајед Хусаин Хусман, претседател на Малезиската федерација на работодавачи.
Објаснувањето на експертите за ваквата нагла промена е во разликата на генерациите.
-Младата популација е образована и има пристап до Интернет од каде што се едуцира за работничките права и прекршувањата од страна на работодавачите. За разлика од нивните родители за кои фабриките значеле сигурна работа и излез од сиромаштијата, милениумците и генерацијата Зет сакаат да работат по свои услови, барајќи подобар баланс помеѓу работата и приватниот живот, можности за развој на кариерата и флексибилни работни аранжмани – појаснуваат експертите.
На оваа тема разговаравме со Беркан Муратов од Скопје, кој веќе долги години се занимава со увоз на облека од Кина.
Како што ни објасни нашиот соговорник, еднаш до двапати во годината лично патува во Кина, каде што има свои соработници, и оттаму набавува роба која им ја препродава на локалните бутици, пазари и дуќани.
-Кина не е истата Кина од пред десетина години, бидејќи и таму се сменија многу работи. Луѓето се опаметија и сега работниците ги поставуваат условите наместо работодавачите. Точно е дека сѐ помалку млади луѓе работат во фабриките, па затоа и за брзо време ќе скокнат цените на кинеските производи до плафон. Ако не оваа година, тогаш следната сигурно. Јас веќе зголемив 20 проценти од цените, бидејќи трошоците ми се многу повисоки од порано. Кога одам по роба во Кина јас изнајмувам бродски контејнер и го полнам со роба, па кога ќе се наполни, го испраќам за Македонија. И сето тоа чини. Самото изнајмување на контејнерот е многу скапо, а да не зборувам за парите што треба да ги вложам за роба со којашто ќе го наполнам целиот контејнер. Станува збор за многу, многу облека – објаснува Муратов.
Според студијата објавена од Ројтерс, повеќе од 80 отсто од кинеските фабрики имаат проблеми со работната сила.
Кинеското Министерство за образование предвидува дека до 2025 година ќе има недостиг од 30 милиони работници. Владините бројки објаснуваат дека Кина ќе изгуби 35 милиони возрасни работоспособни луѓе во рок од 5 години.
Кина, светската фабрика за сѐ и сешто, сега сака да се фокусира на производство на производи од висока класа.
Извор: denar.mk