Многу истражувања кои се направени во Македонија, укажуваат дека 30, 40 или скоро 60 отсто од луѓето би ја напуштиле Македонија и би го продолжиле својот живот во странство. Дури лани во декември беше соопштен податок дека 90 отсто од младите сакаат да се иселат. На граѓаните им пречат ниските плати, невработеноста, корупцијата.
Ги прашавме граѓаните во кои држави сакаат да се преселат. Нивните одговори се различни, но сакаат да живеат во земји со добар стандард.
„Јас би се иселила во Америка, поради начинот на живот и јазикот. Многу луѓе од Делчево се иселија и се селат. Оној кој сака да се исели, успева“, рече Даниела Ј. од Делчево.
Жителка на Пробиштип вели дека ако некогаш се исели од Македонија, нејзин избор би била некоја од европските земји.
„Засега не размислувам да се селам, добро ми е овде, но ако заминам некаде надвор, би ја бирала Германија, Англија, затоа што има доста луѓе од Пробиштип кои таму се иселија и сакам земја со добар стандард и услови за живот“, рече Магдалена Ј. од Пробиштип.
Жител на Ресен вели дека младите се иселуваат во различни земји, на европско тло, но и преку океанот.
„Јас се вратив од Канада и не планирам да одам никаде, но младите се иселуваат секаде, во Америка, Канада, Европа. Од 2016 година има поголемо иселување. За неколку години сметам дека 3.000 ресенчани се имаат иселено“, раскажува Борис С. Од Ресен.
Кратовчанец вели дека не сака неговите деца да останат да живеат во Македонија.
„Јас би сакал моите деца да се иселат во скандинавските држави, затоа што тоа се средени општества, има ред и дисциплина, а овде е хаос“, додава жител на Кратово.
Meтодија Стојчески од Младински сојуз Крушево објаснува дека младите кај нас најчесто сакаат да се иселат во Германија, САД, а дури потоа ги споменуваат другите европски земји.
„Кога станува збор за иселувањето, први избор им е Германија, потоа ги споменуваат САД, а трет и четврт избор им се Италија, каде има наши иселеници во Милано, Венеција и помал број се за Британија. Сакаат да се иселат поради подобар стандард, во земји каде владее правото, има добар правен систем, социјална и здравствена заштита. Што се однесува до крушевчани, тие се иселуваат во Германија и Словенија. Еден наш сограѓанин замина во Љубљана, отвори фирма и повлече триесетина крушевски семејства“, вели Стојчески.
Статистички, за шест проценти се намалил бројот на младите луѓе во Македонија меѓу двата пописи од 2002 до 2021 година. Проценките се дека повеќе од 77.000 млади лица кои се родени во државата, заминале во странство последните години.
Извор: faktor.mk