Новиот Fiat Topolino почнува со продажба во Италија. Возилото се купува со само неколку кликови, досега се пријавени повеќе од 10.000 заинтересирани купувачи.
Многу нешта се случуваат во Fiat деновиве. Од една страна, најиталијанската од сите италијански марки го зајакнува приусуството во важниот компакт-сегмент со новиот 600, покрај 500X, а од друга страна прави револуција со четирициклот Topolino. Неколку револуции, поточно: Целосна нарачка онлајн, достава до дома, оперативен лизинг за 39 евра месечна рата на домашниот пазар.
Малечките четирицикли Citroen Ami и Opel Rocks-e во минатата година постигнаа продажба од 22.000 примероци. Со приклучувањето на Fiat Topolino, бројката за електричниот четирицикл се очекува да се искачи на 35 до 40 илјади примероци годишно. Предвидувањата се точни, затоа што во иницијативата „Be the First“, почнувајќи од 4-ти јули, повеќе од 10.000 италијански возачки и возачи се регистрираа како заинтересирани купувачи за Topolino и за пробно возење. Тие регистрации сега почнуваат да се претвораат во нарачки за моделот.
Fiat е прва марка што нуди целосно онлајн искуство при купувањето на електричниот четирицикл Topolino, почнувајќи од самата нарачка и плаќањето, до достaвата до домот. Засега е достапна специјалната серија од моделската изведба со цврст покрив, а подоцна годинава ќе почнат нарачките и за изведбата со платнен покрив. Првите возила ќе им бидат испорачани на клиентите директно до домот почнувајќи од јануари 2024 година.
Fiat Topolino, како дел од триото со Ami и Rocks-e, со големиот пазарен интерес, се покажа како вистинско решение за секојдневното градско возење, со должина од 2,53 метри, со целосно електричен погон, и секако, со достапната цена.
Менаџерите во Торино беа инспирирани од платформите за онлајн-трговија, коишто буквално го променија светот и ќе бидат историско обележје на овие времиња. Купувањето на Fiat Topolino се врши целосно онлајн, со само неколки кликови, исто како да се купува во е-продавница. За сите информации и совети, на располагање стојат тимот за онлајн-продажба на Fiat и дилерите на марката.
Секако дека од голема помош е 3D-конфигураторот, на којшто купувачите добиваат јасна и верна претстава каков автомобил нарачуваат.
Откако ќе се изберат бојата, изведбата, додатоците, и возилото ќе се стави во „корпа“, следи избор на опциите околу финансирањето и висината на ратите. Сензација е месечната рата од 39 евра во Италија, при користење оперативен лизинг
Редовната цена во Италија изнесува 9.890 евра, на што следи државна субвенција во висина од 2.346,32 евра. Според тоа, Topolino ќе ги чини купувачите 7.544 евра во готовина. При користење финансиски лизинг, првата рата изнесува 2.582 евра, а потоа се исплаќат 47 месечни рати во висина од 39 евра. Доколку корисникот реши да го задржи возилото по 48 месеци, треба да плати 4.170,92 евра – или да го продолжи договорот за друго возило.
Fiat е прва марка што овозможува целосно следење на нарачката на возилото. Тоа значи дека купувачите во секое време можат да проверат каде се наоѓа возилото и да добиваат известувања за секоја промена додека возилото е на пат до нивниот домашен праг.
Цената од 39 евра за месечната рата е маркетиншки избор, затоа што исто толку изнесува месечната претплата на кабелска телевизија и месечен билет за јавен превоз.
Извор: automedia.mk