Нов кодекс на облекување во прилепската гимназија „Мирче Ацев“
Испокинати фармерки, куси панталончиња далеку од пристојни, маички на прерамки, коси пуштени врз лицата, момчињата со шарени бермуди со кои небаре се капеле во море, ова е дел од костимографијата со која учениците ја почнаа и оваа учебна година. И не е ова некоја театарска премиера, ами веќе со години повторувана реприза. За многумина ученици се мисли како сѐ уште да се на плажа, со оглед на тоа во какви изданија може да се видат во училишните дворови и ходници.
Токму поради тие причини, прилепската гимназија „Мирче Ацев” ги истакна новите правила за изглед на учениците, кои веќе наидоа на големо одобрување од родителите. Со плакат поставен на влезната врата и низ ходниците на училиштето, се потсетуваат учениците дека треба да се придржуваат кон правилата од кодексот за однесување и за надворешниот изглед.
Отсега е забрането влегување во училишната зграда со големи нокти, пирсови, маици на прерамки, хеланки, бермуди, шорцеви или какви било кратки панталони, кратки маици, искинати фармерки, тренерки и кратки сукњи.
Новите правила на облекување во прилепската гимназија наидуваат на одобрување кај родителите и кај други граѓани, кои предлагаат да се воведе пристоен дрес код во сите училишта, но има и такви што мислат поинаку.
– До средно, децата се во униформи, барем на моите им даваат маички и џемперчиња со логото на школото, како и бермуди и панталони на машките, а на девојчињата здолништа или панталони. Во средно, веќе е друга приказната, не можеш да му кажеш на некое дете што со „масерати“ оди на училиште, како да се облекува – коментира еден родител.
Учениците, пак, се бунтуваат и велат: „Сè ни забранивте, што да носиме веќе?!“, а некои шеговито прашуваат дали може да се носат шамии и мантили до земја.
Лукреција Маљковиќ од Академијата за протокол тврди дека ќе се намали огромен процент од булингот во училиштата доколку се воведат школски униформи.
Кога станува збор за стилот, односно начинот на облекување на учениците и на вработените во училиштата, нема јасни насоки што произлегуваат од законите поврзани со воспитно-образовниот процес. Училиштата, самите врз основа на законските и подзаконските акти поврзани со воспитно-образовниот процес, вметнуваат во училиштниот етички кодекс на однесување неколку одредби во однос на облекувањето на учениците и на вработените. Но, дали е тоа вистинското решение? На ваков начин, секое училиште носи сопствени правила, кои драстично може да се разликуваат од училиште до училиште.