Секој кој дошол во Германија и има изгледи да остане, треба побрзо да се интегрира на пазарот на трудот, пишуваат германските медиуми.
Германскиот министер за труд Хубертус Хајл сака да направи план кој ќе им овозможи на стотици илјади бегалци побрзо да најдат вработување. CDU и FDP се скептични за планот на министерот.
Политичар од SPD најави дека фокусот треба да биде ставен на „брзо вработување на бегалци на кои им е потребна државна помош, а кои веќе го научиле јазикот“, пренесува магазинот Fenix.
„Сакаме и побрзо ќе ги донесеме овие луѓе од училишните клупи на курсевите за интеграција на работното место. Во овој контекст, тој зборуваше за проектот Job-Turbo“ кој треба да започне наскоро.
Хајл сака оваа задача да ја довери на раководството на германската Агенција за вработување. За интеграција на бегалците на пазарот на трудот ќе биде назначен специјален претставник на Владата. Владата допрва треба да ја одобри оваа одлука.
Според медиумите, специјалниот претставник треба да ги подготви агенциите за вработување за новата задача и да разговара со претставници на стопанството.
Негова задача ќе биде и во градовите да дознае дали има доволно грижа за децата за да можат мајките да се вработат и да се приклучат на пазарот на трудот.
„Работата создава интеграција“
Германија прифати повеќе од еден милион бегалци од Украина од почетокот на војната на 24 февруари 2022 година. Владата тогаш одлучи бегалците веднаш да имаат право на граѓански додаток - Bürgergeld.
Според информациите на Агенцијата за вработување, стапката на вработеност на Украинците во Германија во моментов е 19 отсто.
Центрите за вработување на Агенцијата сега имаат за цел да обезбедат уште поголема поддршка на работоспособните бегалци и во соработка со деловните субјекти конкретно да ги вработат.
„На германската економија итно и се потребни работници и квалификувани луѓе, работата создава интеграција“, изјави германскиот министер Хајл.
Од друга страна, министерот побара од бегалците активна соработка. Понудите за работа мора да бидат прифатени.
Доколку нема соработка, бенефициите што ги добиваат бегалците би можеле да се намалат. Секој што прима Bürgergeld во иднина би можело да има и пропишани работни обврски.
Извор: Kajgana.com