Огромен е интересот за бесплатното чистење оџаци во Кавадарци, потврди денеска за МИА, Гоце Ангеловски, директор на јавното претпријатие „Комуналец“. Тој потсети дека пред почетокот на зимата лани, беше воведено ова субвенционирање за кавадарчани. Со одлука на Советот на општината, во соработка со комуналното претпријатие, стручна служба врши бесплатно чистење на оџаци.
– Согласно на одлуката на Советот, ние плаќаме кон стручната служба, а потоа локалната самоуправа ни плаќа за вршењето на тој сервис кон кавадарчани. Пријавувањето за чистење оџаци е кај нас. Минатата сезона беа исчистени оџаци на 450 куќи и 35 колективни згради, досега се исчистени 360, а интересот е огромен, појасни Ангеловски.
Инаку, Советот на општината Кавадарци на денешната 35. седница, донесе програма за оџачарски услуги за 2024 година. Како што беше кажано на седницата, целта е обезбедување на поквалитетни услуги за жителите. Олеснување за нив, но и превентивно делување против загадување на воздухот и појава на пожари.
За оваа намена, следната година ќе бидат издвоени околу милион денари од општинскиот буџет, со вклучен ддв.