Во периодот од првите десет месеци од годинава издадени се 3.688 согласности за унифицирана дозвола за престој и работа за граѓаните на Северна Македонија, што е за 40,3% повеќе во однос на истиот период лани, вели в.д. генералната директорка на Заводот за вработување на Република Словенија, Грета Метка Барбо Шкербинц.
Впечатоците во Македонија од последната манифестација „Живот и работа во Словенија“ се многу позитивни. Но, што велат вашите искуства, дали имате број на македонски граѓани кои дошле во Словенија во последната година, а исто така какви се вашите очекувања за оваа година? Зошто Заводот за вработување одлучи да организира ваков настан?
– Оваа година, во јуни и во септември, веќе успешно организиравме неколку вакви настани во странство, па поради големата побарувачка од работодавачите и потребите на нашиот пазар на труд, решивме повторно да ги организираме настаните во Северна Македонија. Главната цел на овие настани е на странските баратели на работа да им се обезбедат веродостојни информации за работните и животните услови во Словенија и да им се понуди соодветна правна заштита со релевантни информации, бидејќи како што знаеме, миграцијата е дел од нашето секојдневие и може да се очекува нејзин раст и во иднина. Токму затоа сакаме да ги зајакнеме информациите за работниците кои веќе се во нивните земји на потекло, што значи да го подобриме нивниот пристап до информации за правата, процедурите за вработување, законодавството итн. во најголема можна мера, на начин кој ќе биде разбирлив за работниците и со тоа ќе им се обезбеди поголема правна сигурност.
За наредните години во Словенија се предвидува понатамошно зголемување на вработеноста и намалување на невработеноста. Оттука, очекуваме дека ќе продолжи да има недостиг на кадри на пазарот на трудот, а ќе се зголеми и регрутирањето на странска работна сила, која ѝ е потребна на нашата економија. Бидејќи работодавачите во Словенија веќе подолго време се соочуваат со голем недостиг на персонал, ние исто така сакаме да ѝ помогнеме на земјата да обезбеди соодветна работна сила која ќе помогне во реконструкцијата по катастрофалните поплави и свлечишта што се случија во Словенија во август и каде што исто така сметаме на помош од странски работници од државите блиски до нас.
Во периодот од првите десет месеци од годинава издадени се 3.688 согласности за унифицирана дозвола за престој и работа за граѓаните на Северна Македонија, што е за 40,3% повеќе во однос на истиот период лани.
Општите информации овде говорат дека во Словенија се бараат профилирани кадри како доктори, инженери, архитекти, градежници… Колку и каков кадар е потребен и какви административни придобивки можат да очекуваат заинтересираните за работа и живот во Словенија?