Согласно европските еколошки стандарди и добри практики, со предложените измени на Законот за возила, се воведуваат еколошки налепници кои ќе бидат поделени во три еколошки категории во зависност од европските емисиони стандарди (ЕУРО 1, ЕУРО 2, ЕУРО 3, ЕУРО 4, ЕУРО 5 и ЕУРО 6) и од погонот на моторот на возилото (на течен нафтен гас или компримиран земјен гас, на електричен погон или хибридно возило)
Согласно одлуките донесени од општините, односно од Град Скопје, во деновите кога ќе се утврди надминување на прагот на загаденоста во градските средини, се воведува ограничено движење во заштитени еколошки зони. Возилата од првата еколошка категорија (возила со европски емисиони стандарди ЕУРО 5 и ЕУРО 6, како и возила со емисија на издувни гасови ЕУРО 4 на кои е вграден уред на течен нафтен гас или компримиран земјен гас, хибридни возила и електрични возила) се означени со еколошка налепница во зелена боја, и ќе може слободно да се движат во заштитените еколошки зони.
Возилата од втората еколошка категорија, која ги опфаќа возилата со европски емисиони стандарди ЕУРО 3 и ЕУРО 4, како и возилата со емисија на издувни гасови ЕУРО 2 на кои е вграден уред за погон на течен нафтен гас или погон на компримиран земјен гас, ќе се означуваат со еколошка налепница во жолта боја за кои ќе има ограничено движење во сообраќајот.
Возилата од третата еколошка категорија, која ги опфаќа возилата со европски емисиони стандарди од ЕУРО 2 и пониско, како и возилата за кои производителот нема дефинирано емисија на издувните гасови, ќе се означуваат со еколошка налепница во црвена боја и за овие возила ќе се воведе забрана за движење во општините во период кога има загадување на воздухот.
Еколошката категоризација на возилото ќе се врши од страна на овластена техничка служба.