До 2050 година, речиси половина од светското население ќе биде кратковидо, додека една десетина, околу милијарда луѓе, ќе бидат во опасност од слепило доколку продолжи сегашниот тренд. Кратковидоста е нарушување кога јасно се гледаат блиските објекти, додека далечните објекти се заматени, предупредуваат научниците и лекарите.
Во истражувањето спроведено од експерти од два институти на Универзитетот во Нов Јужен Велс, Австралија и Сингапур, утврдено е дека бројот на пациенти со губење на видот и влошување на состојбата од средна до тешка миопија ќе се зголеми дури седум пати, објави веб-страницата „Science day“.
Водечката причина за овој тренд треба да се бара во, како што наведоа истражувачите, „промените на факторите на животната средина“, односно начинот на живот. Преведено на лаички јазик, тоа значи комбинација на пократок престој на отворено, под извори на природна светлина и зголемен број часови во затворен простор и работа пред екрани, т.е. електронски уреди.
Овие проекции се важни со цел да се планираат здравствени политики и да се организираат превентивни активности. Особено кај децата. Пожелно е децата со миопија еднаш годишно да одат на преглед кај офталмолог, вели професорот Ковин Наиду, еден од авторите на истражувањето објавено во списанието „Офталмологија“.
Анализата е базирана на податоци од дури 145 студии и опфатила дури 2,1 милион луѓе со ова нарушување. Проценките се дека денес околу една милијарда и 400 милиони луѓе се кратковиди, што е нешто помалку од 23 отсто од светското население и дека до 2050 година ќе порасне на 4 милијарди и 758 милиони луѓе.
Миопијата е нарушување предизвикано од неправилно прекршување на светлосниот зрак во окото, па сликата се добива пред мрежницата наместо на мрежницата како во нормална состојба. Состојбата се коригира со корективни контактни леќи или очила.