Синдикатот подготви своја реакција и став по повод Предлог Законот за работно ангажирање на лица за вршење работи од привремена и повремена природа за одредени дејности во поедноставена постапка. Предлогот на Владата, односно на министерството за Труд и социјална политика според синдикатот е добар за работодавачите, но не и за работниците. Од Сојузот на синдикати на Македонија подготвија неколку предлог измени на текстот помеѓу кои и таа каде што се дозволува газадата да му исплаќа на работникот плата во плик.
Од ССМ до креаторот на ова законско решение испратиле пет забелешки во кои се наведени според нив пропусти за кои синдикалците сакаат да се проверат дополнително и да се корегираат пред да биде Предлог Законот ипретен на владина седница да се усвојува. Од Сојузот на синдикати на Македонија потврдуваат дека во средината на ноември лани ресорното министерство организирало јавна дебата по повод предлог законското решение синдикатот бил активно вклучен во презентацијата на текстот.
Синдикатот смета дека во делот на законот каде е предвидено дека може ангажираниот работник да биде исплатен во кеш, да се промени и секоја исплатена сума на вработениот да биде преку трансакциска сметка. Нејаснотии има и во други членови на законот поврзани со паричниот надоместок за работно ангажирање.
„Во членот 15 став четири треба подетално да се разработи во насока на правото на исплата на паричниот надоместок на работно ангажираното лице. Во истиот став стои дека паричниот надоместок може но и не мора да се исплати на крајот на работниот ден или најдоцна пет дена по истекот на работниот ангажман. Се поставува дилемата доколку определено лице е работно ангажирано согласно овој закон 180 или 120 дена дали исплатата ќе следува во рок од пет дена по истек на ваквиот ангажман“, стои во реакцијата на ССМ.
Во однос на дејностите кои се опфатени со ова законско решение, синдикатот смета дека треба да се избрише секторот градежништво и да се прецизираат дејностите занаетчиство и припремни или подготвителни и општи градежни работи.
„Сметаме дека како дејност градежништвото е од исклучително значење и е еден од главните столбови на државата. Но не смееме да дозволиме да се злоупотребуваат правата на вработените кои евентуално би биле привремено ангажирани. Можни се голем број на ангажирања на работници по овој основ, а со тоа постои можност за престанување на работниот однос на постојните вработени“, велат од ССМ.
Свој став од ССМ имаат и во делот на мерките кои се наменети за спречување на злоупотребите од работно ангажирање на лица. Имено, во предлог текстот синдикалците велат дека не е наведено какви права имаат работниците кои ќе бидат на работа во сабота, недела, празници, дали имаат право на платен одмор.
Овој предлог според Министерството за труд предвидено е да важи за секторите земјоделство, шумарство, рибарство, објекти за сместување и дејности за храна, дејности за домаќинство, како и во градежништвото. Последните информации до кои дојде Денар се дека власта ќе ги прифати предлозите на синдикалците, а со тоа навремено ќе превенира повреда на правата на работниците кои би можеле да настанат по носење на еден ваков закон кој според нив се коси со одредбите од Законот за работни односи кој треба да се донесе и е во финална фаза.