Самостојните дадилки имаат нови цени на своите услуги, а интернетот се подели и околу ова прашање: колкави се компетенциите на жените кои ни ги чуваат децата и дали тие навистина ја заслужуваат посакуваната дневница?
На една од најголемите затворени Фејсбук групи во кои родителите можат да си најдат доверливи жени кои чуваат деца, овие денови се појави ценовник на услугите на дадилките и се покрена расправа на неколку нивоа.
Ова се некои од прашањата кои се поставуваат – кој има пари да си дозволи дадилка по тие цени, кои се компетенциите на тие жени кои ги чуваат децата и очекуваат плата многу повисока од онаа која ја примаат факултетски образовани воспитувачи во градинки.
Според објавата, цената за повремено чување на едно дете е од 100 до 200 денари на час, а за две деца од 200 до 300 денари на час. Повремено чување значи дека дадилката нема сигурни денови и сатници, туку се повикува по потреба, не се плаќа кога е болна, кога патува, нема платен одмор, празници.
Значи, таа може да биде ангажирана во повеќе семејства и нема бенефиции кои ги има дадилката која добива фиксна месечна плата во вид на платени годишни одмори, празници, боледувања…
„Одлична тема! Од каде е преземен овој ценовник? Дали можете да ни кажете кој степен на стручност има дадилката која работи по таа сатница (основни, мастер или докторски студии) и од кој точно факултет? Што прави таа во тие 8 работни часа? Дали некој од родителите од групата има можност за повремено чување на две деца да издвои 2.000 денари дневно? Ви благодарам однапред за одговорите“, се запраша една мајка.
„Убаво што сте ставиле оваа објава. Јас сум од Охрид и кога им кажувам на некои 300 денари по час за повремено чување – луѓето се фаќаат за глава“, коментираше друга членка на затворената група која работи како дадилка.
„Јас мислам дека не сте реални. Секако дека секое занимање заслужува почит, но со оглед на месечните примања на лица со факултет, излегува дека дадилката треба повеќе да заработува. Веројатно на прсти можат да се избројат дадилки кои заработуваат 1.000 евра месечно“, додаде трета.
Од друга страна, има и такви кои го разбираат значењето и одговорноста на работата на дадилките и сметаат дека тие треба да бидат достојно платени.
„Сметам дека работата на дадилката треба да биде многу повеќе ценета, а со тоа и подобро платена… Но би сакала да знам колкав е процентот на дадилки кои добиваат плата за која вие пишувате. Мислам дека реалноста е малку поинаква. 1.000 евра се 60.000 денари, па би сакала да се јават жени кои имаат толку голема плата, дај боже да е така“, искоментира четврта.
„За оваа плата и сатница потребно е повеќегодишно сертификувано образование, затоа и прашав што тоа точно дадилката прави за тие осум часа со децата? Јас до сега слушнав само: ‘Пазиме исклучиво на детето, не работиме домашни работи, го храниме и шетаме, цртаме и читаме’“, коментираше друга корисничка.