Во последно време, рестораните за свадби во Скопје дополнително ги кренаа цените, што може да влијае на буџетот на идните брачни парови кои ја планираат својата најсреќна и најубава вечер во животот.
Доколку сега се јавите да резервирате термин за свадба, не очекувајте да ви понудат пониска цена од 30 евра за порција.
Зошто се зголемени цените?
Сопствениците на ресторани со коишто разговараше Денар објаснуваат дека цените на порциите се зголемени поради општата инфлација и општото поскапување.
Првиот човек на еден познат ресторан за свадби во Скопје, Марко К., изјави:
„Плаќаме високи сметки за електрична енергија. Значи, плаќаме индустриска струја, а не обична. Замислете колку струја се троши за подготовка и за реализација на една веселба. Нашиот објект е огромен, а во склоп на објектот се готви и храната. Исто така, самата набавка на храна е драстично поскапена, а и дневниците на вработените се скоро двојно повисоки во споредба со минатото. Ако на келнерите или на готвачите не им понудиме висока дневница, тогаш ќе треба да работиме сами. Едноставно, луѓето не прифаќаат веќе да работат 8 часа за 1.500 денари. Почнаа да бараат дневница од 3.000 денари, а некои бараат и повеќе”, објаснува сопственикот.
Искуство на младоженец
Кристијан Веселиновски, 30-годишен скопјанец, кој минатата недела оставил капар за својата свадба која ќе се одржи во август годинава, го сподели своето искуство:
„Успеав со сопственикот на ресторанот да се договорам за цена од 27 евра за порција, иако редовната цена изнесува 29 евра. Планираме да имаме околу 300 гости на свадбата, па само за порции ќе треба да издвоиме над 7.000 евра. А каде се другите трошоци за музика, за декорација, за фотографирање и снимање? Но, само за убаво да е, парите постојат за да се трошат”, ни одговори Кристијан.
Сепак, идните брачни парови треба да бидат подготвени да издвојат значителен дел од буџетот за порциите, додека фотографирањето и музиката се плаќаат посебно. Ако правите свадба со 100 гости, ова може да значи 3.000 евра само за храната.