Изминативе неколку години осмомартовска треска ги тресе родителските вајбер групи. Ако во минатото овој празник се прославуваше со еден цвет и честитка, денес доколку некое дете се појави со тој подарок, најверојатно ќе биде исмејувано.
Денес во соседните земји овие наивни подароци се заменети со телевизори и златен накит, а кај нас иако состојбата не излегла до тој степен од контрола, сепак се подаруваат ваучери од едни од најскапите продавници и тоа почнувајќи од 50 евра па нагоре.
Некаде се собирале по 150, некаде 300, а во некои училишта дури 500/600 денари, што за волја на вистината е сума која е навистина преголема, посебно за семејствата што имаат две или повеќе деца кои одат на училиште или во градинка. Во тој случај сумата веднаш се дуплира или тројно се зголемува.
Сега кога во училиштата има и целодневна настава или дневен престој, пари се собираат за две или повеќе наставнички, што дополнително го терети буџетот на семејствата па и на тој што треба да го купува подарокот, бидејќи сепак важно е како што велат, да остават убав впечаток и да дадат солиден подарок.
Има и такви кои давале кој колку може, но тоа е реткост, бидејќи никој не сака да се „посрамоти“ па ги даваат договорените пари.
„Знаете како е на денешно време кога цените се двојно зголемени, а притисокот од средината во која живеете е огромен. Денес е срамота да немаш, срамота е да кажеш дека не можеш да си дозволиш... Во нашето одделение од 20 деца, се собираа по 300 денари. Се даваа пари за наставничката, за наставничката од дневниот престој, за наставничката по англиски, за наставничката од соседната училница со која неретко и нашите деца имаат настава...Само се надевам дека од наредната година таа сума нема да рипне, па да треба повеќе да даваме“, вели мајка на девојче кое оди во прво одделение.
Факт е дека овој празник се претвори во нешто сосема друго од тоа што овој ден навистина претставува. Сега веќе се реализира натпревар помеѓу одделенијата кое ќе даде поубав подарок, но и целосно се менува смислата на одбележувањето на овој ден.