„Далма фуд и кетеринг сервис“ е задолжена за исхраната на македонската војска, потврдува договорот потпишан на 26 февруари годинава. На веб страницата е-набавки може да се најде договорот што Министерството за одбрана го потпишало со оваа компанија, вреден нешто повеќе од 6.060.000 евра за една година.
Договорот ги содржи сите поединости, при што интересен е начинот на исхрана на македонските војници. Не е стандардната слика што повеќето од нас ја имаат во главата, дека војниците стојат во ред во менза и сами се послужуваат, а повеќе не важи ни онаа дека највкусен грав е војничкиот.
Имено, според договорот, „Далма фуд“ е задолжена за секојдневна достава на храната за припадниците на армијата, во работни денови два оброци, а за празници и за викенд еден. Храната треба да е спакувана во прибор за една употреба, а за тоа пак задолжен е нарачателот односно Министерството за одбрана.
„Поделбата на храната се врши во наменски садови за еднократна употреба, поединечно за секој припадник од страна на лица на носителот на набавката, без можност за самопослужување“, стои во договорот.
За тоа колку оброци каде треба да стигнат се грижат воените пошти од Скопје, Куманово, Криволак и Велес.Транспортот на топлиот оброк не треба да трае повеќе од еден час, со обезбедување на сите материјални, хигиенски и температурни услови за зачувување на квалитетот и здравствената безбедност на храната до распредекбата. Министерството за одбрана треба да достави и список на возачи и возила со соодветен климатизирачко-хигиенски товарен простор кои ќе вршат достава до локацијата на служење, за што исто задолжени се воените пошти.
Ручек:
Ручекот се состои од: супа, главно јадење, салата, десерт и леб со вкупна енергетска вредност во граници од 1.100 до 1.400 kcal. На менито има јунешка шницла, натур шницла, свинско печење , париска шницла…
„За постигнување потполна, разновидна и изедначена исхрана е дадена листа на јадења за ручек. Притоа да се користи свежо месо (јунешко, свинско и јагнешко)… За лицата кои не консумираат артикли од свинско потекло се подготвуваат јадења од друг вид на потекло (јунешко, јагнешко, пилешко, риба и др.)“, стои во договорот.
Војниците јадат во трпезариски кујни во објектите каде ги има, а локациите каде Армијата нема сопствени единици, ручекот се спроведува во локални ресторани кои го исполнуваат HASSP стандардот.
Доколку дојде до несакано труење или повреда со храна на некој од вработените, се предвидува обештетување во висина со годишен агрегат од 350.000 евра, на товар на министерството, што не ја исклучува можноста поединечни вработени или лица да побараат обештетување од операторот во свое име.