Во последните години, професионалните камионџии од Македонија се соочуваат со сериозни предизвици.
Се забележува намалување на бројот на возачи на автобуси и камиони во земјата, а домашните компании се во потрага по квалификувани кадри кои поседуваат Ц и Е категорија.
Зошто се случува ова?
Според експертите со коишто разговараше Denar, првата причина за намалувањето на бројот на камионџии е финансиската бариера.
„За полагање за Ц и Е категорија се потребни значителни финансиски средства и време, што не секој човек може да си го дозволи. Плус, додека во Македонија платата за камионџиите е околу 1.000 евра месечно, во земји како Германија и Шведска, месечната плата достигнува над 3.000 евра. Оваа разлика во плата натера многу млади и квалификувани возачи да заминат во странство, особено во скандинавските земји“, појаснуваат познавачите.
Денар на оваа тема разговараше и со камионџија од Кочани, кој постојано вози на релација Шведска-Германија.
„Возењето на камион е мојот начин на живот. Се чувствувам слободен на патот, но и се соочувам со предизвици. Во Македонија, платата не е задоволителна, а условите за работа не се споредуваат со оние во ЕУ. Затоа, многумина од нас заминуваат. Во Германија, работата е посериозна, платата е пристојна, а условите се подобри. На пример, во Македонија треба да работам 3 месеци, а во Германија само еден месец за истите пари. Но, сепак, сакам да се вратам дома, да го видам своето семејство и да го почувствувам мирот на нашите планини”, ни изјави 38-годишниот Никола Георгиев од Кочани.
Сепак, оваа миграција на камионџии има негативни последици за домашните компании и за пазарот во Македонија.
Недостигот на квалификувани возачи влијае на автобускиот и камионскиот транспорт, а компаниите се во потрага по нови начини за вработување и задржување на квалификуван кадар.
Експертите додаваат дека миграцијата на камионџии кон ЕУ е комплексен проблем кој бара системски пристап и соработка меѓу државата, компаниите и професионалните возачи.
„Само така можеме да го подобриме статусот на камионџиите и да го заштитиме автобускиот и камионскиот транспорт во Македонија“, порачуваат тие.