„Tip of the Week“ се авторски текстови што се објавуваат секој четврток и обработуваат теми од секојдневниот живот коишто помогат да го подобрите вашето лично и професионално работење.Коментарите за совети, можете да ги пишувате на: www.facebook.com/tipoftheweekPriracnik Како сублимат на првите 100 совети издадени се единствените прирачници за личен и професионален развој.
Бидејќи е многу актуелно сега да се пишува и да се зборува за Facebook, поради аферата со проток на информациите и злоупотреба на правата на корисниците, во овој текст ќе дадам уште еден пример за неговото негативно влијание и злоупотреба на корисниците. Односно, како Facebook влијае на нашиот мозок и на промената во нашето однесување. Меѓутоа, тоа не се однесува само на Facebook, туку и за сите социјални мрежи од тој вид: Twitter, Instagram и Snapchat.
За овој текст бев поттикнат од интервјуто што го гледав со Чамат Палихапитија, поранешен потпретседател на Facebook, одговорен за развој и ширење на базата на корисници. Тој вели дека целиот систем на Facebook е заснован на психологија која креира повторливи повратни пораки кои ни лачат мали дози допамин (допамин фикс) - хормон или невротрансмитер кој се поврзува со повеќе функции на нашето тело, како и со нашето однесување и чувството на задоволство.
Социјалната потврда, познато е во психологијата, дека е на највисоко ниво на листата критериуми за среќен и долговечен живот. Тој вели дека сите ние се враќаме на платформата само поради тоа што очекуваме социјална потврда од другите за секоја слика, коментар или споделена информација што ја објавуваме и за која очекуваме што повеќе “like”. Основата на секоја социјала мрежа е да најде начини како постојано да ни го држи вниманието, и постојано да се враќаме на неа.
„Комерцијалниот интернет бизнис е изграден со искористување на кревката човечка психологија”.
Chamath Palihapitiya (Social Capital)
Секој “like” (поточно исчекувањето на наградата) во нашиот мозок лачи допамин. Допаминот е еден од најважните хормони во нашето тело и се смета за витален во контрола на движењата, меморијата, вниманието, расположението и спиењето. Без него нашиот организам не би можел да функционира правилно. Истражувањата кажуваат дека недостатокот на допамин е најголема причина за Алцхајмеровата болест.
Значи, не е проблем што нам ни се лачи повеќе допамин во организмот туку, проблемот е во тоа што процесот не е природен. Многу лесно, без некоја голема тешкотија ние ја добиваме наградата, т.е. добиваме мали допамин дози. Се работи за кратка валидација (инстант популарност), која никогаш не сакаме да престане. Социјалните мрежи го лажат нашиот мозок дека добиваме социјална потврда, од наши блиски луѓе, а во суштина тоа не е точно. На долг рок, ова влијание нè прави позатворени, ранливи, со помала самодоверба и несреќни. Но, најголемиот проблем е тоа што на овој начин највеќе се делува на намалување на нашата волја, брзо се заситуваме и се откажуваме. Допаминот се испушта во ситуации кога јадеме убава храна, заработуваме пари, имаме секс или користиме кокаин. Затоа, голем број на истражувања се занимаваат со оваа тема и ги идентификуваат социјалните мрежи како психолошка состојба на зависност.
„Гледајќи ги пријателите кои споделуваат слики од одмор, љубовниот живот, успех на работа, може да предизвика кај вас чувство на завист, лутина и да ве направи да се чувствувате мизерно и осамени.”
Hanna Krasnova
(Berlin’s Humboldt University)
Доколку научниците го сметаат овој феномен како „зависност”, тешко е да се дадат некои едноставни и корисни совети – како да се заштитиме од негативното влијание на социјалните мрежи. Секако, најважно е да се интересираме и да се едуцираме околу определените влијанија во нашиот живот.
Во секој случај, ова се некои работи што може да ги земеме предвид со цел да се заштитиме или барем да го намалиме влијанието на социјалните мрежи на нашето несакано однесување:
- Социјалните мрежи се алатка: водете се според функционалниот аспект на социјалните мрежи – поврзување со пријатели, собирање корисни информации, информирање, промоција. Пробајте вие да ги користите нив, отколку тие вас.
- Третирајте ги социјалните мрежи како ментален предизвик: од огромна важност е да се сфати дека многу е лесно да се потпадне под влијание на социјалните мрежи, и со цел да успееме да ги користиме како корисна алатка, потребно е многу работа на јакнење на нашиот ментален и емоционален капацитет.
- Делете информации, но не очекувајте повратна валидација: ако сакате да споделите нешто убаво (или слично) со вашите пријатели или јавноста, направете го тоа, но не очекувајте повратна реакција. Пробајте да се задоволите со самото тоа што сте споделиле нешто со вашите пријатели. Вежбајте го умот да го намали (или елиминира) влијанието на коментарите од другите.
- Намалете делење на информации: и тоа е интересен пристап. Малку по малку намалувајте со споделување на информации.
- Исклучете се од социјалните мрежи: нормално лесно е да се каже, но мора и тоа да се вклучи во листата. Или, почнете со посета на социјалните мрежи само во определен временски период од денот (или обратно, период кога нема да посетувате социјални мрежи).
- Пренасочете го фокусот: секогаш кога се откажувате од нешто, мора да му дадете на мозокот нова занимација. Пробајте повеќе да читате, одете на прошетки, посветите се повеќе на домот, видите се со некои драги пријатели, да вежбате или што било, што ќе ве оттргне од социјалните мрежи.
- Погледнете во себе: но сепак на крај можеби д-р. Давид Џ. Леј го дава најдоброто објаснување. „Ние ги кривиме социјалните мрежи и допаминот како причина за нашиот проблем. Го екстернализираме проблемот и велиме дека некој друг надвор е крив (не ние). Во суштина, кога некој повторува акции кои се лоши кон него, зад тоа однесување постојат многу комплексни причини. Затоа, ајде да зборуваме за луѓе, наместо за некакви неврохемикалии”.
Со успех во промените,
Петар Лазаров
Член на тимот
МАКЕДОНИЈА-ЕКСПОРТ Консалтинг