Задолжителниот бакшиш за келнерите и за шанкерите во кафулињата е тема која се разговара во многу земји, вклучително и во нашата.
Дали треба да биде задолжителен и дали треба да се вклучува во фискалната сметка е предмет на различни ставови.
Познат менаџер на ланџ-бар од Скопје во разговор за Денар вели дека воведувањето задолжителен бакшиш во фискалната сметка е нешто што веќе одамна се практикува во развиените западни земји.
„Лично, не гледам проблем во тоа да се воведе задолжителен бакшиш за келнерите и за шанкерите, односно за сите вработени. Сепак, ова правило треба да важи на ниво на целата држава и да се применува подеднакво за сите кафулиња. Ако сите се придржуваат, тоа може да биде корисно за работниците и за бизнисите. Впрочем, оваа работа не е новитет во развиените земји, бидејќи таму веќе одамна функционира и веќе се берат плодовите од ваквата мерка. Кај нас, доколку се воведе задолжителен бакшиш во фискалната сметка можно е да се случи да се соочиме со мал отпор од страна на гостите кои немаат навика да оставаат бакшиш за келнерите, но сметам дека за брзо време ќе се навикнеме на новата реалност”, објаснува соговорникот.
На оваа тема Денар разговараше и со студентка од Битола, која во моментов живее во Скопје и работи во кафуле во Порта Влае.
Според неа, воведувањето задолжителен бакшиш од 5% е сосема доволна сума за да се почувствува разлика во платата.
„Лично сум задоволна од бакшишот што го добивам и во време кога тој не е задолжителен. Работам во маалско кафуле каде што доаѓаат редовни гости со кои сме како семејство и кои редовно оставаат бакшиш. Сепак, би било подобро доколку тој би се пресметувал во секоја фискална сметка. На пример, 5% од сметката е сосема доволно за бакшиш. Ова би го унапредило системот и би го стимулирало давањето на бакшиш. Ако сметката за една маса изнесува 500 денари, на пример, тоа би значело дека дополнителни 25 денари ќе си платат гостите за тоа што сум им го однела кафето или пијалакот. Ако во еден ден услужам 10 такви маси, тогаш би заработила околу 250 денари бакшиш, односно би можела да си го платам јадењето и превозот, а дневницата да си ја зачувам”, изјави 23-годишната Кристина Ацевска.
Според едно истражување во кое се анкетирани 1.000 луѓе од различни градови во Македонија, просечниот износ на бакшишот кој го оставаат Македонците е околу 10% од сметката.
Околу 40% од анкетираните велат дека оставаат 15% или повеќе бакшиш, додека 20% велат дека оставаат помалку од 10% или ништо.
Останатите 40% велат дека оставаат различен износ на бакшиш во зависност од квалитетот на услугата, атмосферата, расположението и други фактори.