Грција почна да дели ваучери за бесплатен седумдневен одмор на туристите кои беа принудени да ги напуштат хотелите на грчкиот остров Родос минатото лето поради шумски пожар.
Според Гардијан, ваучер чекаат околу 25.000 туристи, главно од Велика Британија.
Ваучерите Грција ги озакони, а министерот за туризам Мирон Флурис рече дека се првата земја во светот која одлучила на овој начин да им дава компензација на туристите.
Во рамките на таа програма, лицата евакуирани од хотелите поради пожар во јули ќе можат да користат е-ваучери во вредност од 300 до 500 евра за покривање на трошоците за сместување за време на еднонеделен престој.
Иницијативата ќе се спроведува во две фази. Првата почнува сега и ќе трае до 31 мај, а втората е од 1 октомври до 15 ноември. Туристичките власти во Родос соопштија дека досега се регистрирани повеќе од 5.000 туристи во регистарот на корисници на програмата.