Во име на Владата, од утрово граѓаните добиваат СМС и други пораки дека наводно може да добијат 6.150 денари доколку на линкот: https://vlada-mk.com што им е испратен ги остават своите лични податоци.
Во лажната порака стои: Влада: Имате право на нов додаток од 6.150 денари. За повеќе информации и за барање поддршка, посетете ја https://vlada-mk.com.
Понатаму стои и: Важна информација: Како дел од мерките на насочени кон зајакнување на куповната моќ на домаќинствата воведен е нов додаток од 6.150,00 ден за растеретување на нашите граѓани за време на оваа инфлација. Овој додаток се плаќа по жител, а не по домаќинство!
Од Владата веднаш реагираа дека се работи за смишинг и фишинг измама и граѓаните да не наседнуваат на измамата и да не внесуваат лични податоци на веб страната.
– Ја информираме јавноста дека Владата на Република Северна Македонија НЕМА испратено СМС и други пораки во кои нуди надомест. Во конкретниот случај кој се појави во изминатите часови (прикажан на сликите подолу), станува збор за смишинг и фишинг измама која е пријавена и по која соодветните служби веќе постапуваат. Доколку граѓаните добијат или веќе добиле порака со ваква или слична содржина во која се посочува Владата како испраќач, истата треба да ја сметаат за лажна и да не кликаат ниту на дадените линкови, ниту да одговараат на пораките кои ги добиле – стои во сопштението од Владата.
Оттаму апелираат до граѓаните да не наседнуваат на лажни пораки од странски телефонски броеви и мејлови и да не ги даваат личните податоци.
– Граѓаните треба да бидат внимателни и одговорни околу своите лични податоци, односно да не ги споделуваат и разменуваат со непознати лица, како и со лица на кои не може однапред да им се утврди идентитетот – потецираат од Влада.