„Tip of the Week“ се авторски текстови што се објавуваат секој четврток и обработуваат теми од секојдневниот живот коишто помогат да го подобрите вашето лично и професионално работење.Коментарите за совети, можете да ги пишувате на: www.facebook.com/tipoftheweekPriracnik Како сублимат на првите 100 совети издадени се единствените прирачници за личен и професионален развој.
Вчера ми се случи една ситуација која може да ја наречам и проблем, но избегнувам така да ја наречам, бидејќи кога нешто ќе означам како проблем, е тогаш сум во вистинска неволја. Едноставно кога ќе кажам дека имам проблем, чувствувам како на главата да ми се навалил оној најголемиот облак од кој се спрема град, а не дожд.
А од одамна имам научено дека можеме да влијаеме врз нашите чувства, така што ќе ги одбираме зборовите кои ги користиме; така јас одамна престанав проблемите да ги нарекувам проблеми, па сега ги викам предизвици. Или, ако се малку поголеми, и ако не можам да предвидам како веднаш да ги решам, туку ми треба некое време над нив да кукам и да плачам, тогаш ги викам „срањце“. Да, баш така:D
Воглавно, вчера ми се случи едно „срањце“, и си го имав својот ритуал во кој кукав и плачев, и во тој хаос во главата ми текнува како ми здосади тоа што во животот постојано наидувам на препреки и предизвици ─ ама, пак, и нормално е, бидејќи во видеоигрите секогаш наидуваш на препреки, и губиш животи и стамина додека не научиш како да пројдеш некое ниво.
И тука, по главата, ме мавна сознанието дека веќе долго, веројатно откако првпат слушнав за нив и изиграв една, животот го набљудувам како една видеоигра. Тоа е мојата животна метафора; и на некој начин ми е едноставно нормално да се враќам наназад или постојано да се обидувам да прескокнам некоја бездна...
И знаете што е тука проблемот? Јас, всушност, не сакам и не играм видеоигри. Така, вчера си помислив ─ како е можно, мојата животна метафора дополнително да ме оптоварува во животот? Ако не сакам да играм игри, и не уживам во тоа, а животот го нарекувам игра, дали е можно на својата потсвест да ѝ испраќам порака дека не уживам во овој живот, и дека често се откажувам, бидејќи едноставно немам сила да пронајдам премин за следното ниво?
Можно е. Сѐ уште немам докази, но чувствувам дека е така.
Затоа, вчерашниот ден го посветив на изнаоѓање свои нови животни метафори; такви некои со кои ќе можам да се идентификувам, такви некои кои ќе ми бидат мотивирачки. И најдов, три.
Прва – Животот е градина
Во таа градина имам(е) различни растенија, трева, овошки, плодови ─ врски, односи, работи, луѓе ─ кои успеваат и цветаат онолку колку што ќе им се посветиме и колку што ќе ги негуваме. Понекогаш на градината ѝ треба кроење, понекогаш плевење на троскотот (лоши врски, односи, работи), но кога внимателно и со љубов се грижиме за неа, таа раѓа и цвета и разлистува, и имаме можност да уживаме во нејзините плодови, и кислородот кој ни го создава.
Втора – Животот е пат
И патувањето е неговата цел, не некоја одредена дестинација. И како и секој пат, тој може да биде правец со добра улица. Но, исто така, може да има возвишенија, нагорнини, дупки на патот, клисури и бездни, и неочекувани тунели. Многу често фантастичните изненадувања и откритија се баш таму каде што не ги очекуваме, и кои и не би ги виделе да не е улицата што сме ја избрале.
И третата – Животот е како ЕКГ
Одамна во некое интервју, ова го слушнав од актерот Љубо Тадиќ. Го спореди животот со ЕКГ и рече: „Животот не смее да биде рамна линија. Мора да има успеси и падови, бидејќи кога линијата е рамна, тогаш си мртов“.
Така, ги запишав сите три метафори во моите два дневника, и еве, просто посакав да ги споделам и тука со вас, бидејќи можеби некој ќе препознае дека неговата животна метафора му создава оптоварување и ќе посака да ја смени. На пример, доколку животот го гледате како некаква битка или трка, и постојано се натпреварувате и се борите, верувам дека тоа може да е многу исцрпувачки.
Со успех во промените,
Хана Казазович, Босна и Херцеговина
https://cyberbosanka.me/
Доколку сакате текстовите да ги добивате на Вашиот е-пошта или мислите дека некои Ваши колеги, соработници и пријатели треба да ги добиваат овие текстови, испратете ни ја/ги на tow@macedonia-export.com