Како што развојот на индустријата за производството на телевизори ја натера стакларската индустрија да направи што е можно потенко стакло, така стана возможно да се произведат и нови видови на прозорци.
Научниците од Националната лабораторија Лоренс Беркли (LBNL) развија нов вид трослојно стакло за прозорци, кое е со иста дебелина како и стандардниот двослоен прозорец, но има двојно подобри термички карактеристики.
Ова претставува големо откритие благодарение на достапноста на ова многу тенко стакло кое се користи во производството на телевизори. За да се направи еден обичен екран се користи стакло со дебелина од 0.7 милиметри, а наместо вообичаениот аргон се користи гас од криптон.
Трослојните прозорци со високи перформански кои најчесто се користат во пасивна изградба веќе некое време се достапни на пазарот во САД. Меѓутоа, голем број изведувачи не ги преферираат бидејќи поради нивната дебелина се многу потешки за вградување од вообичаените прозорци.
Но благодарение на тоа што стаклата во новите “трослојни супер прозорци“ се потенки, тие не се толку тешки, полесни се за вградување, а имаат и одлични термички карактеристики.
Имено, супер прозорците имаат коефициент R кој ја одредува отпорноста на стаклото на загубата на топлина помеѓу 8 и 10 (поголем број значи повисока отпорнос) што е скоро двојно подобро од најдобрите двослојни прозорци кои моментално се вградуваат насекаде.
Прототипите на овие прозорци се направени во лабораторијата, а засега само две американски фабрики работат на нивни верзии кои ќе бидат погодни за индустриско производство и широка употреба.