ЈП Комунална хигиена-Скопје известуваат дека веќе извесен период се соочува со појавата на масовно непрописно исфрлање отпад во непосредна близина на садовите наменети за одлагање на комуналниот отпад.
- Дивите депонии околу контејнерите настануваат во периодот кога садовите се сосема празни и отпадот може да се одложи во нив. Во текот на изминатиов викенд, екипите на Претпријатието отстранија приближно 40 кубни метри отпад одложен до контејнерите на булеварот Крсте Мисирков - во близина на т.ц. Мавровка, на улиците Џон Кенеди и Христијан Тодоровски-Карпош во општината Чаир, Народен фронт, Даме Груев, Партизанска и Митрополит Теодосиј Гологанов – во општината Центар, како и на улиците 1510 и Христо Татарчев во скопската општина Кисела Вода, велат од претпријатието.
Градот Скопје и ЈП Комунална хигиена-Скопје апелираат да престане тенденциозното непрописно и несовесно исфрлање отпад на јавни површини. Уште еднаш потсетуваме дека секое одлагање отпад надвор од наменски поставените садови претставува директно прекршување на Законот за јавна чистота, а сторителите подлежат на санкции.
Ваквото однесување го загрозува јавното здравје и значително ја зголемува опасноста од ширење заразни болести, особено во летниот период, велат надлежните.