Зголемен бројот на странските туристи
Нов раст на бројот на туристите во Македонија забележа Државниот завод за статистика. Според најновите податоци, во бројот на туристите и на ноќевањата од почетокот на годината до крајот на јули, во споредба со истиот период минатата година, има зголемување за над осум проценти.
Во периодот од јануари до јули годинава, бројот на туристите вкупно е зголемен за 8,7 отсто, при што кај домашните туристи има намалување за 0,5 проценти, а кај странските има зголемување за 13,7 отсто, во однос на истиот период од претходната година.
Во периодот јануари – јули 2024 година, во однос на истиот период од претходната година, бројот на ноќевањата е зголемен за 6,1 проценти, и тоа: кај домашните туристи има зголемување за 2,7 отсто, а кај странските има зголемување за 9,7 проценти, се наведува во соопштението.
Во текот на јули годинава бројот на туристите достигнал 204.336 лица, при што има повеќе странски отколку домашни туристи. Од вкупниот број туристи, 58,2 проценти се странски, додека домашните туристи опфатиле 41,8 процент, објави Државниот завод за статистика.
Сепак, како што објавија статистичарите, домашните туристи направиле повеќе ноќевања. Имено, во текот на јули биле реализирани 756.831 ноќевање, од кои 70,6 проценти се од домашните туристи, а 29,4 отсто од странските туристи.
Бројките покажуваа дека најголем дел од туристите во текот на јули биле од Турција, од каде што дошле 53.296 граѓани, потоа од соседна Србија, од каде што нѐ посетиле 10.402 лица, па следуваат гостите од Холандија, од каде што дошле 4.817 граѓани. Веднаш зад нив се туристите од Полска. Од таму ни пристигнале 4.445 лица, по што следуваат гостите од Романија, од каде дошле 3.995 посетители.
Податоците на ДЗС откриваат дека во јули најпосетени биле езерските места, каде што престојувале 123.931 турист. Секако најголем дел од нив се на охридското крајбрежје, иако такви детали статистичарите не споделуваат. Веднаш зад езерата најпосетена локација е главниот град, каде што во јули престојувале 50.168 лица. Потоа следуваат други места со над 22 илјади гости, па планинските локации, кои примиле над шест илјади посетители, додека бањите се најдоа на последно место. Таму во текот на јули престојувале 1.918 лица.