Вкупните депозити анализирани на годишно ниво, во август се зголемени за 9,1%, што се должи на растот на депозити на двата сектора, со доминантен придонес на секторот домаќинства, соопшти Народната банка.
Вкупните кредити, пак, на годишна основа, бележат раст од 7,5% како резултат на зголеменото кредитирање на двата сектора, коешто е поизразено кај кредитите на корпоративниот сектор.
Вкупните депозити на корпоративниот сектор, во август, бележат раст од 3,1% споредено на месечно ниво. Притоа, месечната промена во најголем дел е резултат на зголемените депозитни пари и краткорочните депозити во денари и во странска валута, а помало позитивно влијание имаат и долгорочните депозити во денари, додека долгорочните депозити во странска валута остварија пад. На годишно ниво, растот изнесува 3,8%, во поголем дел поради зголемените депозитни пари, долгорочните депозити во странска валута и краткорочните депозити во денари, при дополнителен придонес и на долгорочните депозити во денари, додека краткорочните депозити во странска валута бележат пад.
Во август, кредитите на корпоративниот сектор забележаа месечно и годишно зголемување од 0,5% и 8,1%, соодветно, што во целост е резултат на зголеменото кредитирање во денари, додека кредитите во странска валута се намалени.
Кај вкупните депозити на домаќинствата во август е забележан месечен и годишен раст од 1,2% и 12,0%, соодветно. Промената кај двете основи, во поголем дел се должи на растот на депозитните пари, како и на долгорочните депозити во странска валута и во денари, во услови на пад на краткорочните депозити во странска валута и во денари.
Кредитите на домаќинствата, во август, се повисоки за 0,4% во споредба со претходниот месец. Анализирано по валута, месечниот раст произлегува од зголеменото кредитирање во денари и во странска валута, со поизразен придонес на кредитите во странска валута. Годишниот раст од 7,2% е резултат на повисоките кредити во денари и во странска валута, со поизразен придонес на кредитите во денари.
Гледано според намената на кредитите одобрени на физичките лица, потрошувачките и станбените кредити, како најзастапени категории, остварија месечно зголемување од 0,3% и 0,8%, соодветно, при годишен раст од 6,4% и 10,8%, соодветно. Автомобилските кредити, во август, забележаа месечен и годишен раст од 4,5% и 27,4%, соодветно.