Врелината во скопскиот воздух полека малку намали. Скопјани ќе може полесно да дишат. Ама, ако се потсетиме дека иде есента и зимата кога загадувањето настапува…
Всушност во други делови на Македонија загадувањето на воздухот како да веќе настапува. Мерните инструменти денеска покажуваа дека на подрачјето на општините Велес, Кавадарци, Битола веќе има покачено загадување. Тоа е доволен сигнал дека со настапувањето на есенскиот и на зимскиот период состојбите само ќе се влошуваат.
Скопје, Битола, Тетово, Куманово…, но и повеќе други градови во земјава минатата зима ги уриваа рекордите во однос на загадувањето. Беа најзагадени градови во Македонија, но неретко и меѓу десетте најзагадени градови на континентот, па и во светот.
Дали надлежните правеа нешто летово за да се намали загадувањето на воздухот? Се делува ли сега, а и имаат ли план како понатаму да сработат во интерес на почист воздух?
На интернет-страницата на Министерството за животна средина не може да се најде ништо што би претставувало најава дека во пресрет на зимскиот период ќе се презема нешто конкретно. Не се знае ниту дали ќе продолжи започнатиот процес на менувањето на системите за греење по јавните државни институции кои користат мазут. Претходната министерка лани најави дека во тек на две години треба да се заменат 70 вакви системи. Инаку, во земјава има околу 700 државни јавни објекти кои се греат на нафта и на мазут и за кои од избори до избори се ветува дека ќе бидат сменети со гас…
Не се знае и што ќе биде со иницијативата во која имаше 19 мерки за намалување на аерозагадувањето од Климатското собрание што се одржа во Скопје, а на кое учествуваа бројни граѓански здруженија. А предлозите опфаќаа редовна хигиена на улиците, зголемување на урбаното зеленило, подобрување и планско проширување на постоечката велосипедска инфраструктура, зголемување на бројот на контејнери за селекција на отпад, воспоставување на 24 часовен автоматски, јавно достапен мониторинг систем врз сите емисиони точки во воздухот, промена на сообраќајниот режим низ централното градско подрачје… Единствено што се случи на последната седница беше изгласување на Програмата за животна средина, во која, како што наведува Зелен хуман град, има само една мерка за намалувањето на аерозагадувањето – бесплатен јавен превоз кога е многу загаден воздухот.