Паднаа првите 20 илјади евра казна за трговците кои не ја почитуваат владината мерка за ограничена профитна маржа. За три дена од нејзината практична примена, Државниот пазарен инспекторат издал осум прекршочни платни налози во износ од над 1.196.000 денари.
Инспекторите направиле повеќе од 60 контроли низ државата, спроведувајќи ја Одлуката на Владата за посебни услови за трговија на одделни стоки. Вчера 47 тимови со вкупно 135 инспектори излегоа на терен да ги контролираат бурекчилниците, малите маркети и останатите трговци на мало, дали бурекот и ѓеврекот и другите производи се намалени за неколку денари.
Инспекторите излегоа на терен откако стапи во сила мерката за ограничена маржа до 10 отсто, со која треба да се намалат цените на 73 основни прехранбени производи. Поголемиот дел од граѓани велат дека немаат забележано некое намалување на цените или доколку има тоа е многу мало, па прехранбените производи се сè уште многу скапи. Според она што може да се види во маркетите цените се намалени од еден денар кај лебот, брашното, јајцата до 20 денари кај одредени видови месо и кашкавал. Освен тоа, не секаде се забележуваат ознаките „помалку трошоци, повеќе за тебе“.
Од Инспекторатот најавија дека нема да има толеранција за оние кои нема да ја почитуваат мерката, затоа што трговците имале доволно време да ги приспособат цените. Казните за непочитување на Одлуката се според Законот за трговија и се движат од 2 до 10 илјади евра, а ќе има и затворање на маркети.
-Напоменувам дека толеранција нема да има. Пазарниот инспекторат постапува по Законот за трговија, каде што казните се високи и изнесуваат од 2.000 до 10.000 евра, а онаму каде што ќе се применуваат нечесни трговски практики ќе се постапува по Законот за заштита на потрошувачите каде ќе има можност и за затворање на објекти, изјави директорот на Инспекторатот, Горан Трајковски.
Мерката есенската кошница во чиј состав се најосновните намирници како леб, пекарски производи, брашно, тестенини, млеко и млечни производи, видови месо и сувомесни производи, сезонско овошје и зеленчук…. ќе важи до крајот на октомври. Потоа Владата најави носење на нови мерки како новогодишна и рамазанска кошница.