Не е мал бројот на суденти од помалите градови, кои студираат во Скопје, за можноста да изберат матичен лекар во градот каде студираат. Оваа неинформираност ги става во непријатни ситуации, особено кога ќе се соочат со акутни заболувања или здравствени проблеми, кои бараат итен медицински третман. Според законските регулативи во Македонија, секој студент има право на здравствено осигурување и можност да избере матичен лекар и во местото на живеење и во градот каде студира. Сепак, голем број студенти не се свесни за ова право, што ги спречува да добијат навремена здравствена помош.
Недоволна информираност ги изложува студентите на ризик
Студентите кои студираат во Скопје, а доаѓаат од помалите градови, често се соочуваат со предизвици кога ќе се разболат. Без можност да отпатуваат веднаш дома, многу од нив остануваат без здравствена помош бидејќи не знаат дека можат да изберат матичен лекар во Скопје. Ова незнаење ги остава без основна медицинска грижа, што може да има сериозни последици за нивното здравје.
Марко, 21-годишен студент од Битола, вели дека не бил информиран за можноста да избере матичен лекар во Скопје.
„Кога се разболев минатата година, и тоа токму во време на колоквиумската недела, морав да патувам назад за Битола за да добијам помош од мојот матичен лекар. Не знаев дека можам да имам матичен и во Скопје, што ќе ми олеснеше многу.“
Овој проблем го дели и Елена, студентка од Кавадарци, која посочува дека за акутна инфекција на грлото побарала лекарска помош во приватна здравствена установа, што е огромен товар за студентскиот буџет.
„Пред неколку недели, односно за време на септемвриската сесија, добив акутна инфекција на грлото, но не можев да отпатувам дома за да одам кај матичниот лекар. Сосема не знаев дека можам да имам лекар и тука. Мораше да поминам неколку дена со болки, додека не се снајдов со приватна здравствена установа.
Според Законот за здравствено осигурување и Законот за здравствена заштита, студентите имаат право да изберат два матични лекари – еден во местото на живеење и еден во местото каде студираат. За да го остварат ова право, студентите треба да достават пријава за здравствено осигурување и потврда за редовно студирање до Фондот за здравствено осигурување, согласно местото на живеење.
„Мислам дека студентите треба подобро да се информираат за нивните права, особено кога станува збор за здравството...Доколку знаев за оваа можност, немаше да ги пропуштам предавањата поради мојата здравствена состојба, а и ќе избегнев непотребни патувања, вели студентка од Охрид.“
Оваа неинформираност ја става здравствената грижа на студентите во ризик, особено за оние кои немаат финансиски средства да посетуваат приватни здравствени установи во Скопје. Потребно е, како што велат тие, зголемување на информираноста кај студентите за нивните права, и преку студентските организации и преку факултетските служби.