Директорката на Агенцијата за вработување, Весна Пешова на вчерашната „Текстилијада 8“ кажа дека дефицитот на кадар најмногу се забележува во градежништвото, угостителството и производството. Таа вели дека ова впрочем се и најбараните профили на работници кои се бараат од страна на работодавачите.
Но, наместо македонски државјани да се вработуваат, заради се поспецифичните барања на работодавачите се вработуваат и работнци од странство кои ги исполнуваат условите. Пешова додава дека преку разни мерки се трудат да ги задржат младите дома да работат, но и оние кои учеле во странство да се вратат во државата.
„Најголем профил кој го бараат стопанствениците се од областа на градежништвото, угостителството и производството. Тие се дефицитарен кадар во моментов на пазарот на труд, но секако Агенцијата за вработување и понатаму ќе се труди да преземе мерки за нивно вработување. Дефицитарниот кадар во моментов дури е и причина и специфичните барања кои ги имаат работодавачите, се причина доколку не најдат соодветна работна сила да вработуваат странски државјани“, вели Пешова.
Таа посочува дека изборот за пополнување на работни места е на работодавачите, а улогата на Агенцијата за вработување е да го испита пазарот на трудот и исполнетоста на квотата за вработување на старнски државјани.
„Честопати работодавачите имаат специфични барања кои ги нема расположливиот кадар кој е на евиденција на агенцијата за вработување. Бараат разни сертификати и тие се главна причина за да се одлучат да го поплнат работното место со странски државјанин. Одлуката е на самиот работодавач“, изјави Пешова.
Досега се издадени 5,000 позитивни мислења од страна на Агенцијата за вработување за странски државјани, а годишната квота е 20,000.