Реконструкцијата на девет студентски домови (четири во Скопје) и останатите во другите градови ќе придонесе за подобрување на условите за едукација и престој за македонските студенти, како една од мерките во напорите младите луѓе да се задржат дома. Активностите за етапна реконструкција на студентските домови се во тек, а во моментот се реализираат во „Кузман Јосифовски – Питу“ и „Стив Наумов“ во Скопје.
Со предвидената динамика се одвиваат градежните работи за реконструкција на студентскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу“ во Скопје кои почнаа во април согласно договорот што на 29 декември 2023 Владата го потпиша со австриската компанија „Штрабаг“ како најповолен понудувач на меѓународниот тендер.
– За 18 месеци ќе станат современи, енергетски ефикасни и ќе понудат услови за едукација и престој какви што треба да има и какви што студентите заслужуваат.Целосно ја менуваме внатрешноста, столаријата, фасадата, поставуваме фотоволтаични панели и екосистеми за греење. Паралелно се подготвуваме за рекострукција на други седум студентски домови кои планираме да ги реализираме во текот на четиригодишниот мандат – рече министерката за образование и наука Весна Јаневска на денешната презентација на прогресот на активностите во рамки на проектот на Министерството за образование и наука за реконструкција на државните студентски домови.
Според Јаневска, ова е една од мерките со која „ќе го промениме размислувањето на младите да заминат на студирање во странство, а тоа ќе биде огромна придобивка за нас“. – Во време кога недостига работна сила важен ни е секој еден млад човек, па бидејќи е така да му овозможиме целосно да се раелизира тука во сопствената земја – рече Јаневска.
Според планот, реконструкцијата на двата скопски студентски домови која е во тек се очекува да заврши до 2026 година, а во „Стив Наумов“ на располагање ќе има на 43 еднокреветни, 22, двокреветни, 327 трикреветни и 11 соби за студенти со посебни потреби. Реконструкцијата чини 10 милиони евра.
При посетата на градилиштето во „Кузман Јосифовски – Питу“, беше речено дека по реконструкцијата потрошувачката на енергија на домот ќе се намали за 40 отсто, што е многу висок процент на енергетска ефикасност.
Проектот се реализира со заем од Германската развојна банка (KfW) од 20 милиони евра и грант од речиси 5 милиони евра преку Програмата за регионална енергетска ефикасност за Западен Балкан на Европската Унија. Поради реконструкцијата на овие два големи студентски домови, дел од студентите останаа без легла, но за нив беа обезбедени во ученичките домови. Националното студентско тело бара и да се ограничи цената на сместувањето на студентите за да може тие да си го дозволат тоа и да се зголеми нивниот стандард.
Извор: nezavisen.mk