Со последната одлука за зголемување на цените на цигарите во Македонија, пушачите се соочија со ново покачување од 10 денари по кутија. Оваа мерка, која е дел од продолжувањето на даночните реформи и акцизната политика, има за цел да ја намали консумацијата на тутун и да ги поттикне граѓаните да се откажат од пушењето.
Сепак, ваквата одлука предизвика незадоволство кај многу граѓани, особено кај оние кои веќе долго време се зависни од тутунот.
„Со ова поскапување, буквално не знам како ќе успеам да ги покријам сите трошоци. Веќе цигарите ми одземаат огромен дел од месечниот буџет, а сега ќе морам уште повеќе да се ограничувам“, вели Марјан, 45-годишен пушач од Скопје, кој пуши по две кутии цигари дневно.
Една кутија, како што кажува, сега чини 150 денари, па дневно тој троши 300 денари само за цигари.
„Разбирам дека државата се обидува да ја намали консумацијата на цигари, но ова е удар врз нашите џебови. Месечно треба да одвојувам 9.000 денари само за цигари. И сопругата пуши по една кутија дневно, па тоа значи дека повеќе од 200 евра ние треба да фрламе за тутун. Премногу е скапо“, се жали нашиот соговорник.
Според него, покачувањето е директен удар врз најранливите групи на граѓани, кои немаат финансиски капацитет да го апсорбираат дополнителниот трошок.
„Нема да се откажам од пушењето поради ова. Само ќе се задолжам повеќе или ќе морам да скратам на други основни потреби“, додава тој.
Мила, 32-годишна велешанка, исто така реагира со огорченост.
„Многу тешко е да се откажеш од пушењето, а ваквите мерки не ни помагаат. Наместо да добиеме некаква поддршка, само добиваме нови трошоци. Ако државата навистина сака да ги намали пушачите, треба да воведе програми за откажување, а не само да ги зголемува цените“, вели таа.
И додека оваа мерка има за цел да го намали бројот на пушачи, реалноста на терен покажува дека мнозинството од пушачите не планираат да се откажат од својата навика, барем не поради зголемувањето на цените.
„Пушењето е зависност, и не можеш едноставно да престанеш со една одлука. Ќе продолжам да пушам и покрај сè“, вели Мила.
Извор: denar.mk